сабота, 19 октомври 2024

Првите емигранти кои Италија ѝ ги испрати на Албанија вратени назад по судска одлука

Брод на италијанската морнарица ги вратил во Италија првите 12 емигранти од новоотворените центри за мигранти во Албанија, по одлуката на суд во Рим да го одбие нивното притворање, со објаснување дека тие не можат да бидат вратени во земјите на потекло, Бангладеш и Египет, кои судот не ги смета за доволно безбедни.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Со ова судот, оценува Асошиејтед прес, зададе силен удар на договорот меѓу Италија и Албанија според кој Тирана треба месечно да прими вкупно 3.000 емигранти кои ќе ги собере италијанската крајбрежна стража. Според италијанските закони, притворањето на секој емигрант мора да го ревидираат специјални миграциски судови во Италија.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони ги критикуваше судиите по пресудата и порача дека ставот дека земји како Бангладеш и Египет се небезбедни значи дека практично на сите емигранти ќе им биде забрането префрлањето во Албанија, што го прави неизводливо.

Министерот за внатрешни работи Матео Пјандетоси најави дека владата ќе вложи жалба на пресудата.

Обраќајќи им се на новинарите во Либан, Мелони кажа дека ќе свика седница на владата во понеделник за да разговара за ова прашање.

„Ќе се сретнеме за да одобриме некои норми кои ќе ни овозможат да ја надминеме оваа пречка. Верувам дека владата, а не судиите, треба да утврди кои земји може да се сметаат за безбедни“, кажа Мелони, сугерирајќи дека ќе донесе нови правила за сместување на емигрантите.

Иако Бангладеш и Египет не се во војна ниту се соочуваат со голема бегалска криза, судиите во Рим тврдат дека нивната одлука е заснована на неодамнешни меѓународни пресуди кои како основа за таквата одлука ја сметаат дискриминацијата или прогонот дури и во дел од земјата.

Италија се согласи да ги прими оние емигранти на кои им е одобрен азил, додека оние чии барања ќе се отфрлат се соочуваат со депортација директно од Албанија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ