сабота, 19 октомври 2024

Противниците незгодни, но не и непобедливи!

Објавено на

часот

Сподели

Македонија првпат по 14 години пауза игра на едно ЕП што е потешко од СП и е турнир на кој сета концентрација на квалитетот е на едно место. Одамна ракометот во Европа е далеку пред другиот дел од светот, па затоа европскиот првак е исто што и светски првак.

Без сомнение, Македонија би сакала да се најде во многу полесна група од актуелната. Две ракометни велесили, плус селекција што го има најдобриот светски играч, не се најдобра опција за да се брка виза за Белград, но… И трите селекции се далеку од самиот крем, затоа што речиси никој стручњак не им дава преголема шанса за највисок пласман.

 

Ослабената Шведска голема шанса уште во старт

Ким Андерсон ќе ја предводи Шведска

Кога ќе се спомене Скандинавија, ракометот е прв синоним за тој дел од Европа, покрај зимските спортови. Шведска е најтрофејната ракометна нација, која од европските шампионати има четири злата (1994, 1998, 2000, 2002), и тоа предводени од легендарниот Штафан Олсон, кој е дел од селекторското дуо со Ола Линдгрен. Нормално, за нас тие се најтешкиот противник во групата, актуелно се четврта светска сила, но Шведска во Ниш доаѓа сериозно ослабена за неиграњето на два од трите најдобри стрелци Јонас Калман и Оскар Карлен. Нема да игра и Екдал ду Риц, а последниот пораз од Русија, го вклучи алармот.

Подготовките покажаа дека Шведска не е истата од лани, кога стигна до четвртото место. Јавноста во земјата не се надева премногу на успех поради некомплетниот тим, кој сепак треба да биде сериозно сфатен затоа што не му недостига квалитет.

Голманите им се најголема слабост, а сè се врти околу бековското трио Далибор Додер, Ким Андерсон и Јонас Лархом. Трансформацијата на брзите контри е плод на добрата одбрана, па македонските ракометари ќе мора многу да внимаваат на тоа поле, за да не дозволат лесни голови од тие контри.

 

Германија шанса за одмазда од СП во Хрватска

Паскал Ханс ќе биде главен организатор на Германија

Нема сомнение дека дуелот со Германија ќе треба да го добиеме повеќе на психолошки план, отколку на спортски. Самиот факт дека играме со Германци значи дека пред себе имаме физички најспремен тим, најдисциплиниран, што е одлика за сите германски спортисти, но и тим што игра нечисто.

Германија веќе осум години нема сериозен успех, без оглед што ја има најсилната клупска лига. Дуелот на СП во Хрватска, кога беше исклучен Лазаров, веројатно ќе биде пресликан и во Ниш, па нема сомнение дека за победа ќе треба да се преќути на секоја судиска одлука и на грубата игра што е заштитен знак на Германците.

Силвио Хајневетер и Уве Гајншајмер, кој е најдобар стрелец во Лигата на шампионите, се двата предводници на овој германски тим, па Паскал Ханс, Холгер Гландорф и Ларс Кауфман само го дополнуваат тимот, кој ќе игра агресивно, на моменти и грубо.

Германија се обидува да се врати во самиот крем. Последната радост на ЕП им беше на балканско тло, во Словенија во 2004 година (освоено и сребро 2002 и бронза 1998), но далеку е овој тим од Франција, Данска, Хрватска…

Подготовките за ЕП што ги завршија со четири порази од пет меча, покажуваат дека тие не се непобедливи и дека Македонија може да им се одмазди за неправдата во Вараждин.

 

Чешка е Филип Јиха

Филип Јиха е најдобар светски ракометар

Филип Јиха, чешкиот бек на германски Кил, е најдобриот светски ракометар и предводник на Чешка, со еднакво значење како и Кире Лазаров за Македонија. Сè се врти околу него, па решението е едноставно – да се запре најдобриот. Колку ние ќе успееме во тоа е друга приказна, еднаква на стратегијата на противниците против нас, да го сопрат Лазаров.

Чесите не може да се пофалат со некој голем резултат од шампионатите. Најдобар резултат на Чешка е шестото место на ЕП во Шпанија во 1996 година, а имаат уште два пласмани на осмото (2002 и 2010 година). Уште по ждрепката овој меч беше посочен како решавачки за нас, дека ќе одлучува за пласманот во Белград. Чешка е „најлесен“ противник, кој може да биде и најтежок, но дефинитивно е тим со кој Македонија дури и под најголем притисок дека мора да победи, може да се надигрува.

Покрај Јиха, Карел Ночар (Шамбери) е втората опасност кон нашиот гол, а третата се вика Мартин Галија, голманот на тимот, кој во ниту еден случај не смееме да го разбраниме. Нишки „Чаир“ не им буди добри спомени на Чесите, а со последните порази на чешките ракометари во подготовките во Србија, ние може многу лесно да ги минеме, понесени на крилата на над 3.000-те навивачи.

Н.Б.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ