среда, 23 октомври 2024

Протест на десницата поради апсењето на израелски војници (ВИДЕО)

Десетици израелски демонстранти, вклучително и екстремно десничарските членови на Кнесетот, се судрија со воената полиција откако најмалку девет војници осомничени за злоставување на палестински затвореник беа приведени на сослушување од затворот Сде Тејман во јужен Израел.

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Демонстрантите вееја израелски знамиња и упаднаа низ капијата на објектот во понеделникот за да спречат војниците да бидат приведени додека извикуваа „срамота“. Тие ги бранеа војниците велејќи дека си ја вршеле својата должност.

Некои неуспешно се обиделе да упаднат во зградата. Весникот Хаарец цитираше еден војник дека некои припадници на војската фрлиле бибер спреј кон воената полиција која дошла да ги уапси војниците. Демонстрантите се обиделе да упаднат и во воената база Беит Лид, каде што биле транспортирани војниците, јавуваат локалните медиуми.

Израелската војска во понеделникот соопшти дека држи девет војници на сослушување по наводите за „значително злоставување“ на затвореници во објектот Сде Теиман, кој беше формиран за сместување на Палестинците уапсени во Газа откако Израел ја започна својата војна против енклавата на 7 октомври.

Војската не откри повеќе детали за наводното злоставување, велејќи само дека нејзиниот највисок правен службеник започнал истрага. Но, израелските медиуми објавија дека палестинскиот затвореник бил пренесен во болница откако се здобил со сериозни повреди, додавајќи дека не можел да оди.

Притворот бил нареден откако генерал-мајор Јифат Томер-Јерушалми, воен јавен обвинител на Израел, отвори истрага на воената полиција за инцидентот, објави „Тајмс оф Израел“.

Уапсените војници припаѓаат на единицата позната како Форс 100, која има задача да го чува објектот Сде Тејман, пишува Хаарец.

Врховниот командант на израелската војска Херзи Халеви ги осуди протестите.

„Нападот во воената база и нарушувањето на редот таму е несериозно однесување кое на кој било начин не е прифатливо“, рече во понеделникот генерал-полковник Халеви.

„Ние сме среде војна и овие акции ја загрозуваат безбедноста на земјата. Силно го осудувам инцидентот и работиме на воспоставување ред во базата“, рече тој.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху повика на „итно смирување на страстите“, остро осудувајќи го нападот врз објектот, додека министерот за одбрана Јоав Галант рече: „Мора да им дозволиме на овластените страни да ги спроведат потребните истраги“.

Но, екстремно десничарските политичари, вклучително и министри, побрзаа да ги одбранат војниците и побараа од армијата да престане да ги испрашува.

Министерот за финансии Безалел Смотрич објави видео-порака на Икс во која на главната воена обвинителка ѝ вели да ги тргне рацете од израелските „херојски воини“.

Претседателот на Комитетот за надворешни работи и одбрана на Кнесетот, Јули Еделштајн, најави дека ќе одржи сослушување во вторник за да разговара за апсењата, велејќи: „Нашите војници не се криминалци и оваа одвратна потера по нашите војници е неприфатлива за мене“.

Министерот за правда Јарив Левин рече дека е „шокиран кога ги видов насилните слики од апсењата на војниците“, пренесува Хаарец.

Израелската невладина организација „Брејкинг д сајланс“ рече дека демонстрантите „во суштина ја предале својата целосна поддршка за незамисливото брутално злоставување на Палестинците“.

Во објава на Икс, невладината организација составена од воени ветерани ги опиша и ужасните услови во затворот за палестинските затвореници.

„Десетици мртви затвореници; ограничувања на неопределено време што резултираат со ампутации; медицински процедури без анестезија; недостаток на сон; брутално тепање; сексуална тортура“, се наведува.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ