Граничната служба на Украина наведува дека во моментов се проценува колку вагнеровци има во Белорусија, која ја дели границата со Украина, како и нивната точна локација и цели.
Во непотврден извештај се наведува дека конвој од околу 60 возила на Вагнер рано утринава ја преминал границата со Белорусија.
Во јуни, бунтот на членовите на Вагнер го доведе во прашање авторитетот на рускиот претседател Владимир Путин.
Бунтот, кој траеше 24 часа, заврши со договор според кој на борците на Вагнер ѝм било кажано дека можат да се приклучат на редовната руска армија или да заминат во Белорусија.
Портпаролот на Граничната служба на Украина, Андриј Демченко, во денешното кратко соопштение го потврди присуството на Вагнер во Белорусија.
Тој рече дека украинските граничари „продолжуваат да ја следат ситуацијата“ преку северната граница, без да даде повеќе детали.
Каналот Телеграм објави денеска дека голем конвој на возила на Вагнер влегол во Белорусија од Русија.
Белорускиот канал Хаџун соопшти дека возилата, вклучително и камиони и автобуси, биле следени од белоруската сообраќајна полиција додека се упатувале кон градот Осиповичи, околу 85 километри југоисточно од главниот град Минск.
Белоруските власти, кои го сметаат белорускиот канал Хаџун за екстремистички, не ја коментираа оваа информација.
Министерството за одбрана на Белорусија во петокот објави дека војниците на Вагнер сега дејствуваат како воени инструктори на силите за територијална одбрана на земјата.
Во соопштението се наведува дека борците ги обучуваат белоруските сили „во низа воени дисциплини“ во близина на Осипович.