понеделник, 28 октомври 2024
Настанот ќе трае три дена, а угостителските објекти се со продолжено работно време

Прилеп под маски за Прочка 2024, започнаа карневалските свечености

Со низа манифестации и во весела атмосфера, Прилеп ги почна карневалските свечености за Прочка 2024 кои утре напладне ќе кулминираат со централното дефиле на маските кое ќе го предводат Прилепските мечкари, а се очекуваат околу 500 учесници.

Објавено на

часот

Сподели

Тридневните свечености почнаа со традиционалната изложба на маските, отворена во фоајето на Центарот за култура Марко Цепенков. Повеќе од 400 креации на учениците од основните и од средните училишта го најавува успешното пренесување на традициите за маскирање и на зачувување на културното богатство. Токму во таа насока се и денешните карневалски и свечености по повод Велики поклади-Прочка.

Во центарот на Прилеп, на платото кај Градскиот саат здружението на жени Преродба денеска ќе го претстави обичајот за Велики поклади- Прочка – Амкање. Обичајот ќе биде изведен во автентичен амбиент, привлечен за минувачите, кои во тој период ги има многу, како прилепчани, така и гости, а настанот ќе биде збогатен со настап на младите уметници Марко и Антонио, дел од етно составот Пиреј. Во текот на денот во Старата прилепска чаршија ќе продефилираат мечкарите кои ќе ги канат касапите и занаетчиите на карневалот и на посниот ручек – грав, в понеделник.

Утре напладне, на Прочка, во центарот на Прилеп е главното карневалско дефиле на маските кое ќе го предводи автентичната, од министерството за култура порогласена за нематеријално културно наследство, маската – Прилепски мечкари.

На Карневалот се очекуваат околу 500 учесници со поединечни и групни маски, а стручно жири ќе ги прогласи најдобрите. Поканети се учесници и од речиси сите краишта на Македонија.

Поради Карневалот, угостителските објекти во викендот ќе имаат продолжено работно време. Поканети се сите фотографи да учествуваат зашто ќе бидат наградени и најдобрите фотографии направени на годинашниов карневал Прочка 2024.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ