петок, 18 октомври 2024
Судскиот совет контра ДКСК

Претставката за претседателот на струшкиот суд не била загубена туку воопшто не била евидентирана

Објавено на

часот

Сподели

„Сакаме да потенцираме дека Судскиот совет за прв пат ја добива на увид спомената претставка од ДКСК на 18 ноември 2019 година адресирана до тогашниот претседател Здравев. По направените проверки во архивата на советот, дојдено е до сознание дека претставка поднесена во 2018 година воопшто не е заведена во електронскиот систем. Оттаму зачудува  паушалното тврдење на ДКСК дека претставката е загубена“, реагираат од Судски совет.

Од Судскиот совет ја повикуваат ДКСК да достави доказ дека претставката е навистина примена во Судскиот совет во 2018 година, кога сѐ уште течеле роковите за постапување.

Оттаму потенцираат дека за прв пат ургенција од ДКСК до тогашниот претседател  Павлина Црвенковска е доставена на 4 јуни 2021 година, во која советот се информира дека  е оформен предмет  по нивна иницијатива  врз основа на наводи изнесени во медиумите  за постоење сомневање дека струшкиот градоначалник ја злоупотребил својата службена положба  при набавка на четири  автомобили за потребите на  општината со вкупна вредност  од 114.000 евра.

Во ургенцијата, посочуваат од Судскиот совет, ДКСК  се осврнува и на двете решенија од 13 мај 2016 и од 28 ноември 2017 година донесени од ист судија, претседателот на основниот суд  во Струга Ифет Бајрамоски, кои како што тврдат, иако се темелат  на иста фактичка состојба и исти образложени причини, различно ја решаваат правната работа.Во првиот случај, барањето на должникот –општина Струга се одбива, додека со второто решение се усвојува. Во прилог на оваа ургенција е  доставена и претставка од ДКСК  од 18 ноември 2019  година, која е  насловена до тогашниот претседател на Судскиот совет, Киро Здравев.

„Веќе на 10 јуни 2021, или само неполна недела по добивањето на ургенцијата, Судскиот совет испраќа известување до ДКСК  во кое се информира оваа институција дека во конкретниот случај е поминат подолг временски период, односно решенијата се од 2016 и 2017 година, поточно е истечен рокот од три години  предвиден во член 61 од Законот за судски совет“, потенцираат од Судскиот совет.

Зачудува фактот, велат од Судски совет што на Антикорупциска и требале дури 2 години да  реагира со ургенција за споменатиот случај и се поставува прашањето зошто не се заинтересирале дотогаш да побараат одговор дали е постапено по истата.

„Судскиот совет  категорично одбива да биде неправедно етикетиран и вбројуван во институции, кои наводно свесно помагале во забошотување на предмети поврзани со струшкиот градоначалник, а уште помалку дека во позадина се некакви политички влијанија. Напротив, уште истиот ден кога беше објавена веста за ставањето на Рамиз Мерко на „црната листа на САД“, Судскиот совет одлучи да ги провери сите наводи искажани од Стејт департментот  и американскиот амбасадор во Македонија за наводни влијанија врз струшките судии од страна на градоначалникот. во текот на утрешниот ден, тричлена комисија предводена од кооординаторот за струшкиот суд, м-р Миљазим Мустафа ќе го посети струшкиот суд и ќе разговара со судиите од овој суд за да провери дали имало притисоци, по што во најскоро време ќе биде изготвен извештај, кој ќе биде презентиран пред членовите на Судскиот совет, но и пред јавноста“, велат од Судскиот совет.
 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ