понеделник, 21 октомври 2024

Пресудата за Дамева стигна, Судскиот совет утре ќе ја разгледува на работен состанок

Пресудата за разрешувањето на поранешната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева што Управниот суд ја донесе на крајот на минатата година пристигнала во Судскиот совет, информираа денеска од Советот.

Објавено на

часот

Сподели

Дали Весна Дамева ќе се врати на чело на Судскиот совет ќе може да се знае откако Советот, утре, на работен состанок ќе ја разгледува и ќе расправа по пресудата на Управниот суд кој го поништи нејзиното разрешување оценувајќи го како незаконско.

Од Судскиот совет информираат дека имаат 30 дена законски рок да постапат по пресудата на Управниот суд, дека таа е конечна и никој нема право на жалба по неа.

Весна Дамева е избрана за член на Судскиот совет во декември  2019 година на предлог на претседателот на државата откако претходната претседателка Павлина Црвенковска си поднесе оставка од функцијата. Три години подоцна, во декември 2022 година е избрана за претседател на Судскиот совет. На крајот на април 2023 година, Дамева беше разрешена кога по неколкучасовна кавга, нејзиниот тогашен заменик, Селим Адеми побара, а Дамева одби да поднесе оставка од функцијата. Меѓу забелешките за работата на Дамева беше и тоа што, дел од членовите на советот ја обвинија дека го криела писмото што американската амбасадорка Анџела Агелер го испратила до Судскиот совет.

Во мај 2023 година, Дамева поднесе тужба пред Управниот суд и кривична пријава за злоупотреба на службена должност.

По ова следуваа жестоки рекации од дел од судската фела, невладиниот сектор, политичарите.

Нема напредок во правосудниот систем во Македонија, констатирше Европската комисија (ЕК) во годишниот Извештај. Судскиот совет беше издвоен во извештајот токму поради „контроверзното разрешување на претседателката Весна Дамева“.

Начинот на кој беше разрешена Дамева беше една од причините во јуни минатата година судиите Мирјана Радевска-Стефкова и Зоран Герасимоски да си дадат оставки од членови на Судскиот совет.

На почетокот на мај 2023 година, на вонредна седница на Судскиот совет, Сашко Геориев беше избран за нов претседател на Советот, функција која што сѐ уште ја извршува.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ