вторник, 22 октомври 2024
Конференција на ОБСЕ за економска и еколошка безбедност

Преку одржлив развој и економски раст се промовира безбедноста

Објавено на

часот

Сподели

На отварањето на Конференцијата, во водената сесија, се обратија министерот за надворешни работи и предсетавач со ОБСЕ Бујар Османи,  вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, министерската за животна средина и просторно планирање Каја Шукова и заменик министерот за енергетика на Украина Јарослав Демченков. 

Последиците од климатските промени, како што истакна на отворањето министерот Османи, стануваат повеќе видливи и драматични насекаде низ светот. Според него, мора да обезбедиме отпорност на енергетската инфраструктура и одржлива и сигурна енергетска транзиција, а со борбата против корупцијата и доброто владеење да обезбедиме предуслови за стабилен економско-социјален развој.

„Северна Македонија постојано и преку оваа Конференција, дава дополнителен поттик за економското заздравување и надминување на економските и еколошките предизвици во регионот на ОБСЕ. Борбата против корупцијата, како дел од проблематиката во Втората димензија, останува врвен приоритет на нашето претседавање“, рече Османи.

Забележа дека економиите почнаа да закрепнуваат, но оти мора да работиме заедно регионално и меѓународно за справување со последиците.

„Нашите економии штотуку почнаа да закрепнуваат. Мораме да работиме заедно преку споделување информации и поттикнување на регионалната и меѓурегионалната соработка, со цел вистински да влијаеме на теренот. За сите земји-учеснички е императив да се справат со далекусежните последици од сегашната ситуација преку воспоставување мерки и економски планови кои промовираат одржлив развој. Мораме да застанеме заедно во овозможувањето на одржлив и инклузивен економски раст“, нагласи Османи.

 Вицепремиерката за задолжена за политики за добро владеење Грковска изрази задоволство што борбата против корупцијата и промоцијата на доброто владеење се дел од агендата на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, во време кога, според неа, сме соочени со сериозни регионални и глобални предизвици.

„Корупцијата ја нагризува довербата, одзема од ресурсите кои се наменети за општото добро и ја одржува нееднаквоста. Таа го кочи економскиот раст и го поткопува владеењето на правото и иновациите. Имајќи го тоа предвид, сеопфатниот пристап е единствениот кој може да донесе позитивни резултати и тој мора да вклучува превентивни мерки и цврста законска рамка која ефикасно се спроведува. Соработката меѓу владите, граѓанските организации и меѓународните институции е од суштинско значење за споделување на најдобрите практики, за поттикнување на взаемната поддршка и градење глобален сојуз против корупцијата“, истакна Грковска.

Осврнувајќи се на транспарентноста и отчетноста, кои се во сржта на доброто владеење, вицепремиерката истакна дека носителите на функции треба секогаш да дејствуваат во интерес на луѓето, но за да се осигураме дека овој принцип вистински се почитува, мора да продолжи јакнењето на надзорните институции, независните ревизии и да има отворени канали преку кои граѓаните отворено и без страв ќе зборуваат за овие проблеми.

„Кога лидерите понесуваат одговорност, се зајакнува довербата на јавноста во управувањето, а се намалува просторот за корупција. Во тој поглед неминовно е да се нагласи дека улогата на судството е клучна, особено кога станува збор за проблемот со неказнивоста, којшто директно ги поткопува сите други напори на ова поле. Тогаш кога ќе се зголеми довербата во судството, силно верувам дека и резултатите во борбата против корупцијата значително ќе се подобрат“, нагласи Грковска.

Таа се осврна и на потребата да се приоретизира прашањето за корупцијата во доменот на животната средина, која ги загрозува екосистемите  и го спречува еднаквиот и инклузивен развој и заклучи дека зајакнувањето на доброто владеење нè соочува со огромни предизвици, но и можности.

„Мора да останеме посветени и да ги јакнеме најслабите алки во нашите заедници кои се порозни за коруптивни активности и да направиме сè што можеме за да изградиме општества засновани на доверба. Да ја прифатиме споделената одговорност и неуморно да работиме за создавање посветла и попросперитетна иднина за сите. Тоа се битки кои вреди да се бијат“, заклучи вицепремиерката Грковска.

За министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова сега е вистинскиот момент владите да го променат пристапот и да ги стават своите земји на одржливи траектории што даваат приоритет на економските можности, намалувањето на сиромаштијата и планетарното здравје и да овозможат долгорочен економски, социјален и еколошки просперитет.

„ОБСЕ има улога во подигнување на свеста за потенцијалните ризици поврзани со климатската безбедност, во градењето на капацитети, проценката и адресирањето на овие ризици на париципативен начин и со вклучување на сите релевантни чинители. Ова не е само заради сеопфатниот пристап до безбедност, туку и поради тоа што има широка регионална рамка потребна за да одигра соодветна улога во таков регионален пристап“, истакна Шукова. 

На конференцијата во Струга околу 150 учесници ја искористија можноста да го продолжат долгогодишниот дијалог за економски и еколошки прашања поврзани со безбедноста, кој традиционално се одвива во рамките на Економскиот и еколошки форум.

Конференцијата е организирана од Република Македонија како актуелен претседавач со ОБСЕ, со поддршка на Канцеларијата на координаторот за економски и еколошки активности на ОБСЕ, поради спротивставувањата на Руската федерација да се организира со консензусна одлука на 57 земји.  

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ