„Синоќа и утрово, а и до сега, во предел на пожарите кај селото Тажево и Јавното претпријатие Јасен – заштитеното повеќенаменско подрачје, имаше малга помешана со чад, од којашто покрај тоа што се немало прегледност, не било безбедно да се дејствува по земја. По кревањето на маглата и појавата на ветер, се створија услови за распоредување на триесетте припадници на специјалните сили на МВР, но повторно се појави огнот на дел од кракот којшто беше изгаснат“, информираат од ЦУК.
Воздухопловите утрово биле префрлени на страната кон селото Тажево и Брезница, Општина Македонски Брод.
Според планот на Главниот штаб при ЦУК, специјалците е предвидено да се во линија за дејство кон сртот на Тажево, кон репетиторот и кога ќе стасаат и заштитат планираната линија е потребно да стапат во контакт и комуникација со лицето за координација за дејство по земја.
„Додека, специјалците од МВР го изведуваа маневарот за распоредување според планот, припадниците на Армијата се движеа кон зборното место кај репетиторите во Тажево и откако стасале за кратко се распоредени и се вклучени во гаснењето заедно со вработените на Јасен, според специфичноста на теренот и условите за гаснење на пожарот. Од ЈП Јасен известија дека има еден крак од пожарот, што во моментот е повторно активиран, при што предложија армиските припадници да се поделат во два дела. Притоа, едниот армиски дел да помогне во активностите на справување со кракот кон Тажево и Брезница, а другите да се вратат назад кон Јасен и да помогнат да се изгасне и тој крак“, соопштуваат од ЦУК.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов апрелираше до граѓаните особено до сточарите и земјоделците да бидат исклучително внимателни за да не предизвикаат пожар.
„Апелирам до сточарите и земјоделците да не ги палат своите стрништа и пасишта бидејќи можат да предизвикаат пожар кој покрај материјална штета и еколошка штета може да загрозат и човечки животи“, изјави Ангелов.