Во 1946 година кога Националната кошаркарска асоцијација (НБА), тогаш со оригиналното име Кошаркарска асоцијација на Америка (БАА), ја започна својата прва сезона, платите на играчите беа далеку од луксузот што денес со себе го носи работното место – играч во НБА.
Најскапиот договор во таа прва сезона му припаѓаше на Џо Фулкс, кошаркар на тогашните Филаделфија Вориорс кој заработувал 8.000 долари годишно. За споредба, денеска некои од најдобрите играчи во лигата заработуваат повеќе од таа сума во една четвртина од натпревар. Но, во тоа време таа сума сепак не била за потценување. Просечната годишна плата во Америка тогаш била нешто повеќе од 2.500 долари, што значи дека г-динот Фулкс можел комотно да живее 3 години од својата едногодишна заработка играјќи кошарка. Веќе следната година Џорџ Мајкан од Минеаполис Лејкерс ја премина границата од 10.000 долари со годишен договор од 12.500 долари. Тој е првиот кошаркар што потпишал за преку 1.000 долари месечно во услови кога просечната месечна плата во Америка била 250 долари. Во 1960-та Вилт Чембрлен стана првиот што ја преминал границата од 50.000 долари, потпишувајќи 5-годишен договор за 65.000 долари по сезона со Филаделфија ‘76.
Неговиот ривалитет со Бил Расел од Бостон во 60-тите e легендарен, а ист таков беше и нивниот натпревар за најплатен НБА играч. Иако Чембрлен е првиот што потпиша договор на 100.000 долари, таа 1965-та тој не беше и најплатениот кошаркар во лигата. Расел, дознавајќи за договорот на Чембрлен им постави ултиматум на Селтикси дека ќе замине во друг клуб ако нема поголема плата од Чембрлен. Впрочем од 1960 до 65-та, Расел и Бостон 4 пати ги совладаа Филаделфија и Вилт Чембрлен во финалето на источната конференција, па финансиските барањата на Расел бездруго не беа само исплив на неговата суета. Резултат од ултиматумот – Бил Расел потпиша договор за годишна плата од 100.001 долар J. Само еден долар повеќе од Вилт и со тоа стана најплатениот кошаркар во НБА. Но, две години подоцна, со преминувањето во Лејкерси, Чембрлен повторно во свои раце го зема најплатениот договор во лигата со округло четврт милион по сезона. Прв до пола милион дојде повторно центар, Карим Абдул Џабар во 75-та, а до првиот милион, 5 години подоцна, заедно дојдоа Бил Волтон и Мозес Мелоун.
Во 80-те, а посебно во 90-тите, започнува вистинскиот подем на платите во НБА со играчи како Мајкл Џордан, Меџик Џонсон и Лери Брд. Една од причините за тоа е почетокот на глобалната експанзија и популарност на НБА во тој период. По своите први две сезони во Лејкерси, Меџик Џонсон во 1981-ва потпиша дотогаш невиден договор за еден спортист во било кој професионален спорт во САД – 25 години за 25 милиони долари! Тие тогашни 25 милиони се еквивалетни на денешни 84 милиони долари. Во првите години од 90-тите договорот со Бостон на Лери Брд му гарантираше 7 милиони по сезона и Лејкерси набрзо сфатија дека е прашање на време кога договорот со Меџик на еден милион годишно ќе резултира со незадоволство на првата ѕвезда во тимот, па 1994-та потпишаа анекс со кој нивниот плејмејкер стана првиот кошаркар во историјата на НБА со двоцифрена бројка на милиони долари по сезона – точно 14.660.000. И додека другите заработуваа сѐ повеќе и повеќе, најдобриот кошаркар на планетата Мајкл Џордан имаше релативно скромни примања. Во своите први две сезони добиваше по 900.000 долари годишно, а со вториот, 8-годишен договор, во просек заработуваше нешто помалку од 4 милиони по сезона. Сета таа загуба, но и финансиско потценување во однос на другите НБА ѕвезди низ 8-те години, Ер Џордан ја наплати во 1996-та потпишувајќи го дотогаш најскапиот договор во историјата на американскиот тимски спорт со 30.140.000 долари за една година. Следната сезона, на свои 34 години, потпиша нов едногодишен договор за 33 милиони. На тој начин беше компензиран од Чикаго Булс за успесите во претходните 8 години во кои беше убедливо најдобар светски кошаркар, а дури 20-тина НБА кошаркари имаа поголема годишна плата од него.
Во тие две години Џордан имаше цели 13,5 милиони повеќе од вториот најплатен играч во НБА, Патрик Јуинг од Њу Јорк Никс, кој и пред и по двете рекордни сезони на Џордан, беше најскапиот кошаркар на светот со 18,5 милиони по сезона. Летото 1996-та беше своевидно „déjà vu” на летото 75-та. Тогаш во главните улоги беа Чембрлен и Расел, а сега Алонзо Морнинг и Шекил О’Нил. Центарот на Орландо Меџик прво се согласи на 7-годишно продолжување на договорот за 95,5 милиони долари, но штом го дозна договорот на Морнинг со Мајами од 105,5 милиони, се премисли и, исто како и Бил Расел, постави ултиматум да биде платен повеќе од Морнинг. И додека Орландо се премислуваше, Лејкерси воопшто не се колебаа и Шекил доби понуда на 120 милиони за 7 години. Се после тоа е историја.
Нов милениум – нови височини
Со новиот милениум дојде уште позабрзан раст на платите. Договорите за ТВ права, спонзорства, а и продажбата на билети и дресови, доведоа до експлозија на приходите за тимовите, што автоматски значеше дека и платите на играчите значително ќе растат. Со секој нов колективен договор меѓу здружението на кошаркарите, клубовите и лигата, играчите добиваа сè поголеми проценти од приходите што од сите страни се слеваа во НБА. Во 2012-та Коби Брајант потпиша за 30 милиони по сезона со што, цели 16 години подоцна, ја достигна сумата од фантастичниот договор на Џордан. Од тука натаму сумите континуирано растеа за оваа сезона најскапиот договор да достигне вртоглави 55,7 милиони долари кои Голден Стејт Вориорс ќе му ги исплати на Стеф Кари. Пресметката вели дека ако ги одигра сите натпревари од регуларната сезона, со секоја одиграна четвртина ќе заработува безмалку 170.000 долари, или 14.100 долари од минута или 235 долари секоја секунда помината на НБА терените! И тоа доколку ги одигра сите 48 минути од сите 82 натпревара, во спротивно секоја секунда е поскапа…
На листата 5 најплатени кошаркари оваа сезона, покрај Стеф Кари се и Никола Јокиќ и Џоел Ембид со по 51,4 милиони, Кевин Дурент со 51,2 и Бредли Бил со 50,2 милиони долари. Самопрогласениот крал и најдобар кошаркар во историјата на НБА, ЛеБрон Џејмс оваа сезона ќе добие 48,7, а следната, последна од актуелниот договор, 52,6 милиони долари. Со тоа веќе оваа година тој ќе стане првиот играч во историјата што низ кариерата заработил преку 500 милиони долари само од договори со НБА клубови. Ниеден друг играч, било активен или поранешен, нема достигнато ниту 400 милиони долари од НБА договори. ЛеБрон Џејмс можеби е првиот кој ќе го надмине прагот од 500 милиони, но секако нема да биде и последен. Кевин Дурент треба да му се придружи следната година. Досега Дурент има заработено приближно 397 милиони долари, но според постојниот договор со Феникс Санс треба да добие уште 106 милиони во оваа и следната сезона, па на крајот од 2025/26 и тој ќе стане играч со половина милијарда долари заработени на име на плати.
Најголем профитер – државата!
Но да не заборавиме дека сите претходни наведени бројки се БРУТО суми! Прашањето е што секој од овие играчи конкретно ќе стави во џебот. За пример ќе го земеме најплатениот кошаркар во светот, Стеф Кари, а пресметката оди вака:
Од бруто сумата веднаш се одбива федералниот данок кој изнесува 37% , а тоа во случајот со Кари е 20,6 милиони долари. Потоа следува данокот на државата во која работи, односно Калифорнија и тој изнесува 13,3% или 7,4 милиони. За социјално и здравствено осигурување уште 1,3 милиони. Лигата исто така повлекува т.н. НБА гаранција што претставува заштитен систем за обезбедување баланс меѓу приходите на кошаркарот и на неговиот клуб. Доколку клубот потфрли во примањата во одреден процент, тогаш оваа гаранција се активира и се парите враќаат на клубската сметка, во спротивно остануваат за играчот. Гаранцијата изнесува 10% од бруто износот, осносно во случајот со Кари 5,57 милиони долари. На крајот свој дел за оваа сезона ќе земе и неговиот менаџер, Џеф Остин од менаџерската компанија Октагон, а неговиот дел е 4% од бруто сумата или 2.228.000 долари. И така, од вкупниот износ од 55.700.000 долари, Стеф Кари на крајот ќе располага со 18.566.018 долари, односно само 33,3% од вкупната сума, или само една третина од парите. Интересно дека оваа сезона Јокиќ и Ембид ќе имаат поголеми нето примања од Кари. На Јокиќ од 51,4 милиони, по сите одбитоци, ќе му останат нешто над 21,6, а на Ембид 22,4 милиони долари. Ова е така со оглед на големата разлика меѓу данокот што го наплаќа секоја од американските држави. Колорадо на Јокиќ ќе му одбие само 4,5%, а Пенсилванија на Ембид, дури и помалку 3,07%. Со тоа Кари ќе плати дури 10% поголем државен данок од Ембид, или претворено во кеш, 5,9 милиони повеќе.
Oд полуаматери до кралеви на кешот
Метеорскиот пораст на платите во НБА, претставува многу повеќе од бројки – тој е доказ за сѐ поголемото глобално влијание на лигата, екстремно профитабилните лиценцни ТВ договори и способноста на играчите да се изборат за монетизација на својата вредност и популарност. Она што започна како полуаматеризам и со скромни плати во зародишот на лигата, се трансформира во астрономски договори кои ја одразуваат економската моќ и глобалната популарност на НБА. Трендот на постојаниот раст на платите ја отсликува не само вештината на играчите, туку и постојаното вложување на публиката во кошарката. Патот на НБА кошаркарите до овие финансиски врвови претставува и хроника на еволуцијата на лигата во глобален феномен.
Љубомир Николовски