недела, 6 октомври 2024
Ричард Н. Хас

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Поуките и наследството од 7 октомври

Сосема е возможно да ја добиете војната на бојно поле, а сепак на крајот да загубите. На Израел му се случи токму тоа во случајот со Газа затоа што се одлучи да води конвенционална војна насочена против неконвенционален непријател, без притоа да има план за тоа што понатаму ќе следува.

Пред точно една година Хамас во Израел уби околу 1.200 луѓе (повеќето од нив цивили) и грабна повеќе од 250 заложници. Оттогаш досега, Израел уништи голем дел од Газа; убиени се, наводно, повеќе од 40.000 жители на Газа а оваа бројка вклучува и 10.000 – 20.000 милитанти на Хамас. Повеќе од 700 израелски војници ги загубија своите животи во борбите со Хамас и со другите субјекти поддржани од Иран.

Очигледно е дека овој конфликт е далеку од својата завршница. Речиси и да нема ден во кој нема нови воени напади и жртви. Сепак, се чини дека најинтензивната фаза од конфликтот во Газа се приближува до својот крај: со оглед на тоа дека Хамас е воено ослабен, израелските лидери го преместија својот фокус кон север, напаѓајќи ги притоа лидерите и имотот на Хезболах кои се наоѓаат во Либан. Поради тоа, не е рано да се обидеме да ги резимираме и процениме поуките и наследството од 7 октомври.

Веднаш да кажеме дека е опасно да се прават претпоставки. Нападот кој се случи беше изненадување за Израел и тоа по втор пат во неговата историја (првиот се случи на почетокот на Октомвриската војна во 1973 година). Иако имаше предупредувања за тоа кои се плановите на Хамас, високите воени и политички претставници не ги сфатија сериозно таквите предупредувања туку продолжија да ги стационираат повеќето од израелските одбранбени сили на Западниот Брег, оставајќи ја на тој начин речиси незаштитена границата со Газа. И како што беше случај пред 50 години, за чувството дека тоа е доволно беше платена висока цена.

Нападот кој се случи на 7 октомври исто така покажа дека непријателот на вашиот непријател не мора да биде ваш пријател. Во период од една деценија, израелската влада раководена од премиерот Бенјамин Нетанјаху му обезбедуваше значителна економска поддршка на Хамас со експлицитна надеж дека на тој начин Хамас ќе биде во подобра позиција да се натпреварува со Палестинската управа (ПА). Целта на Нетанјаху беше да ги подели Палестинците, да го ослабне влијанието на меѓународно присутниот палестински национализам и со тоа да го оневозможи решението во вид на две држави.

Израел успеа премногу добро да придонесе кон слабеењето на Палестинската управа. Но, нешто во кое што потфрли беше ставот дека ќе може да го придобие Хамас.

Војните се исто толку политички колку и воен зафат. Сосема е возможно да ја добиете војната на бојно поле, а сепак на крајот да загубите. На Израел му се случи токму тоа во случајот со Газа затоа што се одлучи да води конвенционална војна насочена против неконвенционален непријател, без притоа да има план за тоа што понатаму ќе следува. Воениот успех мора да се преточи во траен безбедносен и управен поредок, но израелските власти одбија да работат во насока на некој од овие предлози затоа што стравуваа дека, за да има план кој ќе биде остварлив, ќе биде неопходна улогата на Палестинската управа, заедно со Арапските сили за стабилизација, кои би изградиле импулс во насока на палестинска држава и ќе ги катализираат внатрешните борби во Израел кои би можеле да ја соборат владата на Нетанјаху.

Уште една работа што прави работите да бидат уште полоши е начинот на кој Израел смета дека постигнал успех: искоренување на Хамас и тоа под услови кои не можат да се остварат. Во таа смисла, Израел губи со тоа што не победува, додека Хамас победува со тоа што не губи. Хамас е истовремено и идеја и мрежа колку што е и организација, и неизбежно е дека тој ќе преживее во некаква форма и ќе ја задржи способноста да се реконституира, особено во контекстот на отворена израелска окупација без притоа да има конкуренција од поумерените Палестинци.

Она што се случи на 7 октомври, исто така, укажува на неколку поуки и лекции кои треба да ги знаат идните посредници. Не е можно да се потпреме исклучиво на убедување доколку сакаме да се промени однесувањето на другите, било да се тие пријатели или непријатели. Неопходно е дипломатијата да биде поддржана со стимулации и со санкции, а понекогаш морковот и стапот треба да се тргнат настрана.

Згора на тоа, дипломатијата не може да има успех ако посредникот сака да се постигне тој успех повеќе од самите учесници, кои самите мора да дојдат до заклучок дека компромис и договор се работите кои се претпочитаат повеќе отколку постојан конфликт. Доколку учесниците мислат поинаку од ова, нема посредување кое ќе може да успее, без разлика колку истото е добронамерно.

Наследството – или поточно наследствата – од 7 октомври даваат малку можност за оптимизам. Решението кое ќе подразбира две држави сега е подалеку од кога било. Ваквиот пристап веќе беше далеку и пред 7 октомври, но изминатава година го засили сомнежот кај Израелците за пожелноста и за можноста за безбедно живеење заедно со независна палестинска држава. Во исто време, одговорот на Израел на настаните од 7 октомври ги зајакна антиизраелските ставови присутни меѓу Палестинците во Газа, Западниот Брег и Израел, и ја зајакна атрактивноста на Хамас, кој, како и неговите поддржувачи во Иран, нема интерес за мирен соживот со Израел.

Нето резултат од сето тоа е дека иднината веројатно ќе наликува на „не-решение со една држава“, што подразбира израелска контрола на територијата која се простира помеѓу Средоземното Море и реката Јордан, зголемена популација на доселеници и чести судири меѓу израелските безбедносни сили и Хамас во Газа и со воените формации кои се слични на Хамас и се присутни на Западниот Брег.

Израел загуби многу, не само во смисла на животи на луѓе и економски резултат, туку и во смисла на углед и позиција во Соединетите Држави и во светот. Помладата генерација повеќе го гледа Израел како Голијат отколку како Давид т.е. повеќе како угнетувач отколку како некој кој е угнетен. Антисемитизмот се зголеми. Со оглед на тоа дека можноста за постигнување решение кое ќе подразбира постоење на две држави е мртва, можно е Израел да се соочи со „или-или“ избор помеѓу тоа да биде еврејска и демократска држава. Слабеењето на Хезболах и на Хутите, колку и да е добредојдено, сепак не ја менува ваквата реалност.

Израел исто така ја плати цената во регионот. Иран го постигна она што можеби беше една од неговите првични цели за нападот: отежнување на можноста Саудиска Арабија, која, инаку, е моќна сила во арапскиот и исламски свет, да воспостави формални дипломатски односи со Израел. Иако осудата на акциите на Израел од 7 октомври нема да ја спречи разузнавачката и воена соработка при што одредени арапски влади се соочуваат со закана од Иран, кралот се повлече од својата отвореност за нормализирање на односите во отсуство на независна палестинска држава.

Соединетите Американски Држави, исто така, платија висока цена. Тие ја загубија својата позиција во арапскиот свет поради неможноста да влијаат на израелската политика а исто така отуѓија и некои други во Израел со своите критики и самостојни потези. Покрај тоа, САД повторно се длабоко инволвирани на Блискиот Исток со тоа што нивни стратешки приоритети се одвраќање на кинеската агресија во азиско-пацифичкиот регион и спротивставување на руската агресија во Европа. Нема сомнение дека сето ова носи задоволство кај антизападната оска во која се опфатени Кина, Русија, Северна Кореја и Иран.

Ништо од ова не беше неизбежно. Последователните израелски влади избраа да ја ослабат Палестинската управа и ја потценија заканата од Хамас, кој ја искористи предноста која ја имаше со организирање на брутален напад. Израел тогаш одговори на воен начин а не политички. И САД го потрошија најголемиот дел од својот дипломатски капитал во залудните обиди за прекин на огнот – нешто што не беше преферирана опција за ниту еден од главните актери. Човечката, економската и дипломатската цена се огромни, а она што веќе беше најпроблематичен регион во светот сега е во уште полоша состојба.

Ричард Н. Хас

(Преземено од Республика)

КОЛУМНИ

Различни перспективи за типот на мултиполаризација

Весна Попоска

Целта (не секогаш) ги оправдува средствата

Стефан Митиќ

Како малите промени можат да направат голема разлика

Рајко Пеколски

Човек 2.0 (бета)

Кристина Пота Радуловиќ

Анксиозност, треперливиот немир во нас

Joшка Фишер

Колку посилни националистички сили, толку послаба Европа

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ