Кога чувствуваме анксиозност, не ни е лесно да одговориме на прашања како „Што ти е?“; „Дали си добро?“ или „Дали е сѐ во ред?“. Нашиот соговорник забележува дека со нас нешто се случува, забележува дека сме напнати, вознемирени, отсутни со мислите и замислени. Ние се обидуваме да одговориме, но често не успеваме да дадеме конкретен одговор и оставаме впечаток дека сме недоволно јасни или недоречени.
Анксиозноста е како темна соба на чии ѕидови немирно трепери сенка од пламен на свеќа. Се приближува и се одбива, потскокнува и се разлева, треперливо и неправилно. Тешко е да се собере сиот тој треперлив немир и да се срочи во конкретни зборови. Затоа звучиме нејасно и немушто, бидејќи успеваме да „пофаќаме“ само некои делови. Анксиозноста е осамено место. Гледаме игри на сенки на ѕидовите, ги следиме со поглед во обид да ги надвладееме, но во тоа не успеваме. Остануваме загледани и вчудовидени, уплашени, вознемирени и осамени. Во анксиозноста сме чудно мирни, не сме од акција, а толку работи се случуваат во нас. Не се помрднуваме, а исполнети сме со немир, мачност и стравување.
Со поимот „анксиозност“ се занимавале психолози и психијатри, кои ја проучувале структурата и динамиката на личноста. Така, психологот и универзитетски професор Сулејман Хрњица говори за тоа дека анксиозноста е едно од доживувањата што се проследени со инхибиција на енергијата и дека кога не успеваме да ги задоволиме своите потреби, чувствуваме анксиозност. Тој ја опишува анксиозноста како мачна состојба што тешко ја поднесуваме ако трае подолг период и дека затоа развиваме механизми на одбрана чија основна функција е да ја ублажат и да го одржат нашето самопочитување на прифатливо ниво. Психијатарот и универзитетски професор Душан Кецмановиќ вели дека анксиозноста се јавува поради релативно недоволно задоволување на индивидуалните потреби, чие задоволување е попречено поради губење на постоечките обрасци на комуникација. Еден од основачите на Гешталт-терапијата, психијатарот и психоаналитичар Фредерик (Фриц) Перлс, ја дефинира анксиозноста како амбис помеѓу она што постои сега и она што доаѓа, а во кој се наоѓаме секој пат кога го напуштаме она што е „сега“ и стануваме преокупирани со иднината – тогаш доживуваме анксиозност. Тој ја споредува иднината со театарска претстава, а анксиозноста со тремата пред претстава. (Повеќе за симптомите на анксиозноста може да видите на веб-страницата Гешталт.орг.)
Како Гешталт-терапијата ја објаснува анксиозноста?
Гешталт-терапијата е фокусирана на динамиката и во склад со тоа става акцент на процесот, а не на содржината на анксиозноста. Според гешталт-терапијата, ние се исполнуваме себеси со анксиозност и стануваме анксиозни тогаш кога не сме присутни во сегашниот момент. А тоа е секој пат кога го напуштаме она што е „сега“ и се обидуваме да ја предвидиме иднината – да пронајдеме решение за претпоставени настани и потенцијални исходи од кои се плашиме. Го напуштаме она што е „сега“ секој пат кога однапред бараме решение за претпоставени настани што не се случиле или кога се обидуваме да го испланираме нашиот одговор на потенцијалните реакции на другите луѓе. Ефектот од тоа е да сме тескобни и вознемирени, а без конкретна акција кон надвор, во „сега“. Што е и логично – кога сме во иднината, ние сме во нашите мисли, во претпоставените настани, а таму не можеме ништо конкретно да направиме. Конкретни акции можеме да преземеме само во „сега“, во единственото време во кое суштествуваме. И анксиозност чувствуваме сега, а не утре и не вчера. За утре не знаеме што ќе биде, а вчера пројде.
Кога го напуштаме „сега“, ние го напуштаме цврстото копно и гравитацијата на реалноста и влегуваме во бестежинската состојба на претпоставките, стравувањата и генерализациите. И прашањата што ги употребуваме можат да ни помогнат да препознаеме како и кога се исклучуваме од сегашниот момент и како си предизвикуваме анксиозност. Како на пример, кога поставуваме „Што ако…“ прашања. „Што ако…“ се „поројни“ прашања што надоаѓаат како порој и кои можеме да си ги поставуваме себеси или на околината во недоглед, додека целосно не се исцрпиме со стравување и невозможност да пронајдеме конкретни решенија за имагинарни проблеми.
Реалноста не е секогаш пријатна, но е единственото време во кое можеме нешто да направиме – да преземеме конкретни чекори, да донесеме некои одлуки, да истражиме некои наши уверувања. Да се ослободиме од некои работи и да почнеме нешто ново. Да излеземе од нешто старо. Да го постигнеме она што ни е важно.
Планот на акција мора да биде конкретен и да почнува „сега“. Што сакам да постигнам? Која е мојата цел? Што ќе направам сега? Како ќе препознаам самосаботажа? Како другите луѓе ќе знаат дека сум тргнал/а по нов пат? Што ќе правам со изговорите како „не го направив ова поради она“? Што ќе правам со „што ако“-прашањата?
Според гешталт-терапијата, суштествувањето „сега“ е единствениот начин да се сочуваме себеси од амбисот што се нарекува анксиозност.