среда, 23 октомври 2024

Протести во Каракас, Мадуро ја обвини опозицијата дека повикува на државен удар

Безбедносните сили во Венецуела употребија солзавец и гумени куршуми врз луѓето што излегоа на улиците на главниот град Каракас во знак на протест против изборните резултати, откако изборната комисија во земјата објави дека победил актуелниот претседател Николас Мадуро.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Демонстрантите скандираа „Слобода, слобода“ и повикуваа на пад на владата, а на видео снимките објавени на интернет се гледа како палат купишта гуми на автопатите, како и голем број луѓе на улиците и полицајци на мотори кои пукаат со солзавец, пренесува Би-би-си.

Вооружената полиција и армијата и провладините левичарски паравоени формации, наводно, се судриле со демонстрантите и блокирале многу улици околу центарот на Каракас.

Јавниот обвинител на Венецуела изјави дека 32 лица се приведени под обвиненија што се движат од уништување изборни материјали до поттикнување насилство.

Опозицијата во Венецуела ја оспори победата на Мадуро и тврди дека нејзиниот кандидат Едмундо Гонзалес Урутија победил убедливо со 73,2 отсто од гласовите.

Голем број западни и латиноамерикански земји, како и меѓународни тела, вклучително и Обединетите нации, ги повикаа венецуелските власти да ги објават записите од гласањето од поединечни избирачки места.

Некои земји објавија дека не ја признаваат победата на Мадуро, а како одговор, Венецуела ги отповика дипломатите од Аргентина, Чиле, Костарика, Панама, Перу, Доминиканската Република и Уругвај.

Владата на Венецуела, исто така, најави привремена суспензија на комерцијалните летови до и од Венецуела со Панама и Доминиканската Република.

Мадуро ја обвини опозицијата дека повикува на државен удар.

„Ова не е првпат да се соочуваме со она со што се соочуваме денес. Тие (демонстрантите) се обидуваат повторно да наметнат фашистички и контрареволуционерен пуч во Венецуела“, рече тој.

Мадуро синоќа изјави дека неговата влада „знае како да се соочи со оваа ситуација и да ги победи оние кои се насилни“, пренесува Ројтерс.

Во меѓувреме, високи претставници на американската администрација рекоа дека објавениот изборен резултат „не ги следи податоците добиени преку механизми за брзо броење и други извори, што сугерира дека објавениот резултат може да не е во согласност со начинот на кој гласале луѓето“.

Организацијата на американски држави (ОАС) синоќа соопшти дека во среда ќе одржи состанок на својот постојан совет за резултатите од изборите во Венецуела.

Националниот изборен совет на Венецуела вчера објави дека Мадуро освоил 51,2 отсто од гласовите и победил на претседателските избори, обезбедувајќи трет мандат.

Гонзалес Урутија освои 44,2 отсто од гласовите, соопшти изборната комисија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ