Атик Ахмед и неговиот брат Ашраф Ахмед синоќа биле под полициска придружба на пат за лекарски преглед во болница, кога тројца мажи кои стоеле со новинарите ги застрелале од непосредна близина во градот Прајаграж во индиската држава Утар Прадеш.
Напаѓачите брзо и се предале на полицијата по нападот, а еден од нив го извикал слоганот Џаи Шри Рам, кој стана борбен крик на хинду националистите во нивната кампања против муслиманите.
Со индиската држава Утар Прадеш управува владејачката индиска хинду националистичка партија Бхаратија Џаната.
Полицискиот службеник Рамит Шарма рече дека тројцата напаѓачи дошле со мотори и се претставиле како новинари.
„Тие успеаја да се доближат до Атик и неговиот брат, преправајќи се дека снимаат изјава и ги застрелаа од непосредна близина. Двајцата се здобија со повреди на главата“, рече тој и додаде дека сѐ се случило за неколку секунди.
Во четвртокот полицијата во операција опишана како разбивање, го уби синот тинејџер на Атик Ахмед и уште еден маж, кои беа прогласени за одговорни за неодамнешно убиство.
Атик Ахмед е во затвор од 2019 година, откако беше осуден за киднапирање. Тој беше четирикратен пратеник во индиската држава Утар Прадеш и беше избран во индискиот парламент во 2004 година.
Неговиот адвокат Виџеј Мишра рече дека инцидентот е шокантен, бидејќи е јасна неспособноста на полицијата во обезбедувањето на безбедноста на неговите клиенти.
Опозициските партии ги критикуваа убиствата како безбедносен пропуст.