И покрај низата уникатни и историски пресврти на овие претседателски избори во САД, предизборните анкети покажуваат дека потпретседателката на Демократската партија и поранешниот републикански претседател уживаат подеднаква поддршка пред изборите на 5 ноември.
Двата ривали во неизвесна трка ќе се фокусираат на седум клучни сојузни држави, каде што само неколку илјади гласачи би можеле да одлучат кој ќе управува со светската суперсила.
„Ова изгледа како фрлање паричка“, изјави за АФП професорот по политички науки на Универзитетот во Чикаго Џон Марк Хансен.
Длабоко поделените Соединетите Американски Држави во обата случаи ќе испишат историја: или со избирање на првата жена претседател или на осуден престапник.
Изборот ги одразува фундаментално различните визии понудени од Харис, првата црна потпретседателка, и милијардерот Трамп.
Харис најпрво се фокусираше на пораките за радост и позитивност откако во јули неочекувано го замени претседателот Џо Бајден на гласачкото ливче, но оттогаш го префрли својот фокус на Трамп како „фашист“, кој ја загрозува демократијата и репродуктивните права на жените.
„Ова е клучен период во историјата“, рече Кимберли Витакер, поддржувач на Камала Харис на нејзиниот предизборен митинг во Мичиген.
Се очекува Трамп да ги отфрли резултатите доколку повторно загуби, што ќе предизвика страв од хаос и насилство во веќе напнатите и длабоко поларизирани САД.
Републиканецот ја засили својата екстремна реторика, а неговиот десничарски избирачки басен дополнително беше мобилизиран поради фактот што Трамп во текот на летото преживеа два атентати. Трамп ги опиша мигрантите како животни, вети дека ќе постави кампови за масовна депортација и се закани дека ќе ја задуши опозицијата во земјата, нарекувајќи ја „внатрешен непријател“.
„Веројатно ќе гласам за Трамп“, рече Дру Роби, 21-годишна студентка по јавно здравство од Аризона. „Искрено, подобро беше кога тој беше претседател“.
Седум држави
Во центарот на трката се седум клучни сојузни држави, таканаречените „swing states“: Аризона, Џорџија, Мичиген, Невада, Северна Каролина, Висконсин и Пенсилванија.
Најтесната претседателска трка во Америка во последните децении зависи од тоа кој може да го придобие малиот број преостанати неопределени гласачи и кој ќе ги убеди своите поддржувачи да излезат на изборите.
Според анкетите, се очекува да има големи разлики во изборот на кандидатите по пол, возраст и расни групи избирачи.
Обата изборни тима ќе потрошат милиони долари за рекламирање во последните денови од кампањата, и обата ја користат поддршката од ѕвездите. Брус Спрингстин, Ријана, Еминем и Барак и Мишел Обама ја поддржаа Харис, а технолошкиот тајкун Илон Маск навива за Трамп.
Но Харис генерално гледано може да се соочи со поголем предизвик. Нејзиниот тим има „подобра работа на теренот“ и повеќе пари, но Трамп „веројатно сè уште има корист“ од тоа што електорскиот систем ги фаворизира републиканците, според Дејвид Карол, кој предава јавна администрација и политика на Универзитетот во Мериленд. „Многу е напнато. Никој нема причина да биде смаоуверен“, заклучува тој.