среда, 30 октомври 2024

Поради Украина да не се заборават другите кандидати, побараа претседателите на парламентите во ЕУ

Објавено на

часот

Сподели

„Имавме средба со претседателите на парламентите на земјите-кандидати, на која јасно кажавме дека е во наш заеднички интерес ЕУ постепено да се шири кон оние земји што ги исполнуваат барањата од пристапните преговори и Унијата да им обезбеди поголема помош и подобра соработка во иднина“, рече вчера на прес-конференцијата по средбата претседателот на Сенатот на чешкиот парламент, Милош Вистрчил.

Претседателката на Домот на пратениците на чешкиот парламент Маркета Пекарова Адамова истакна дека мора да има постојани апели за продолжување на проширувањето бидејќи тоа е во интерес на самата ЕУ, нејзината стабилност и безбедност.

Пекарова Адамова рече дека Украина многу сериозно ги сфаќа своите подготовки и задачи на патот кон членството во ЕУ и дека таа лично е оптимист дека пристапните преговори би можеле да почнат оваа година.

„Не смееме да заборавиме на другите земји. Ги спомнав Молдавија и Босна и Херцеговина, но не спомнав цела низа земји-кандидати. Тие го имаат тој кандидатски статус, некои од нив повеќе од 10 години. Многу од тие земји нè предупредија дека треба да престанеме со нови и нови барања во моментот кога ќе ги исполнат сите претходни“, рече Пекарова Адамова.

Претставниците на земјите-кандидати, според Пекарова, предупредиле дека слабее волјата на населението во земјите-кандидати да издржи толку долг пристапен процес.

„Во моментот кога слабее мотивацијата, се создава вакуум и се создава простор за разни непријателски операции што таму едноставно се случуваат. Исто како што се спроведуваат и кај нас и во другите земји-членки на ЕУ. Значи, во наш интерес е да извршиме притисок врз европските институции тоа да го забрза процесот за другите кандидати и штом ќе се исполнат барањата, ЕУ да се прошири понатаму“, рече претседателката на Долниот дом на чешкиот парламент.

На конференцијата, на која учествуваа 53 делегации од 40 земји, првиот ден претседателите на парламентите на ЕУ и земјите-кандидати разговарале за војната во Украина, кога во резолуцијата на состанокот го поддржале формирањето на трибунал за руски воени злосторства во Украина, се заложиле за помош на Украина во оружје и апелирале до Кина да не ја влошува ситуацијата на бојното поле со можни испораки на оружје за Русија.

На вториот ден, претседателите на парламентите разговарале за зависноста на суровини и стоки од авторитарните и тоталитарни држави и предупредиле дека војната во Украина покажала колку е опасна таквата стратегиска зависност за ЕУ.

„Ослободувањето од стратегиската зависност не значи дека ќе престанеме да тргуваме со тие земји, но по принципот на заемна корист. Првиот чекор на вистинскиот пат е да се разбере дека стратегиската зависност е опасна“, рече претседателот на Сенатот Вистрчил.

Следната конференција на претседателите на парламентите на ЕУ ќе се одржи во Мадрид за една година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ