недела, 14 јули 2024

Поради недостиг од вода оризовите полиња во Кочанско оставени да горат

Земјоделците од кочанското село Грдовци денеска протестираа на оризовите ниви затоа што повеќе од половина месец нивните површини се оставени без вода. Посочуваат дека целата вода оди во светиниколските ниви, каде што земјоделците редовно протестираа, сѐ до средата, кога добија вода за наводнување, но како што потврдија од Водостопанство Брегалница, тоа не го решава проблемот со наводнувањето на нивите.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Реагирале до водостопанската поружница Брегалница во Кочани, од каде што им одговориле дека е добиена наредба водата да се дистрибуира за потребите на земјоделските површини кај Свети Николе.

„Оризовите полиња веќе трета недела се оставени без капка вода, ова е катастрофа, штетата ќе биде ненадоместлива. Оризот е специфична земјоделска култура, која не се наводнува, туку за време на вегетацијата треба да биде целосно под вода. Токму во перидот кога најмногу му е потребна водата, растението е оставено да изгори на високите дневни температури. Во водостопанската подружница ни рекоа дека имаат наредба од централата во Скопје да пуштаат вода за земјоделците во Светиниколско. Ние не сме против тоа, но сакаме водата да се пушти и овде, толку колку што ни е ветено според планираните количества“, истакна Игорчо Ангелов, оризопроизводител од Грдовци.

Земјоделците реагираат што оризот е оставен да изгори на високите дневни температури и дека тоа директно ќе влијае на малите количества и слабиот квалитет при жетвата наесен.

„Водата ја запреа за да испрскаме против плевели и да извршиме потхранување на оризот со ѓубрива, а откако таа постапка ја исполнивме, наместо да биде пуштена водата во нивите, тие се оставени да се сушат. Земјата е пеплосана, а оризовото стебло е пожолтено. Џабе инвестиравме во производството кога на крајот ќе нема ништо за жнеење. Не се виновни вработените од подружницата во Кочани, на кои ниту чизми не им купуваат, а имаат и само една машина за ископ на каналите, туку од Водостопанство од Скопје треба да дојдат да видат како се мачиме. Наплатата на водниот надоместок од оризопроизводителите е 100 отсто, тие земаат плати, а ние остануваме без вода“, истакна Љупчо Петров, земјоделец од Грдовци.

Од водостопанската подружница Брегалница истакнаа дека хидросистемот располага со доволни количества вода и најдоцна за два дена таа повторно ќе биде пуштена во оризовите ниви. 

Иако оризоприозводителите наведуваат дека водата се носи кај светиниколските земјоделци токму тие претходно секојдневно протестираа поради недостиг од вода за наводнување на нивите.

Тие пред три дена добија вода за земјоделските површини во селата Мустафино и Ерџелија, но сепак тоа не го решава континуираното снабдување со вода за наводнување.

Директорот на Водостопанство Брегалница, Благојчо Богатинов во средата потврди дека останува проблемот како да се задоволат потребите на земјоделците во кочанско и светиниколско, бидејќи во моментов потребно е полнење со вода на нивите под ориз.

Посочи дека на дневна основа ќе се одлучува како ќе се решаваат потребите на земјоделците од двата региони. Вода за наводнување во езерото Калиманци има, но поради старата мрежа и каналите за наводнување на хидросистемот Брегалница водата не пристигнува до земјоделските површини во одредени региони.

И.О.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ