вторник, 22 октомври 2024

Светиниколските земјоделци добија вода, ама проблемот со водоснабдувањето останува

Земјоделците од светниколско ја одложија денешната блокада на експресниот пат Штип-Велес кај местото викано Овче Поле, поради тоа што немаа вода за наводнување. Тие велат дека водата за наводнување од хидросистемот Брегалница утринава пристигнала до земјоделските површини во селата Мустафино и Ерџелија, но сепак тоа не го решава континуираното снабдување со вода за наводнување.

Објавено на

часот

Сподели

Директорот на Водостопанство Брегалница, Благојчо Богатинов во изјава за МИА потврди дека е пуштена водата за наводнување до селата Мустафино и Ерџелија, но и понатаму останува проблемот како да се задоволат потребите на земјоделците во кочанско и светиниколско, бидејќи во моментов потребно е полнење со вода на нивите под ориз.

Посочи дека на дневна основа ќе се одлучува како ќе се решаваат потребите на земјоделците од двата региони. Вода за наводнување во езерото Калиманци има, но поради старата мрежа и каналите за наводнување на хидросистемот Брегалница водата не пристигнува до земјоделските површини во одредени региони.

Земјоделците од општините Свети Николе и Лозово и на вчерашниот протест и блокада на експресниот пат со земјоделската механизација повикаа државата да најде пари и да инвестира во стариот систем за наводнување, бидејќи ако под итно не се реконструира, тогаш овој систем кој дава живот и егзистенција на земјоделците од Виница, Кочани, Зрновци, Чешиново-Облешево, Карбинци, Штип, Свети Николе и Лозово, во рок од пет години ќе биде надвор од употреба. Проблем со наводнувањето се прави и од несовесни земјоделци, кои ја крадат водата за наводнување.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ