Триесет и едногодишната родилка која почина во кумановската болница при породување била во добра здравствена состојба и редовно се прегледувала кај матичен гинеколог, покажа вонредниот инспекциски надзор што вчера го спровеле инспекторите од Државниот здравствен и санитарен инспекторат.
Надзорот кај матичниот гинеколог покажал дека родилката навремено се јавувала во текот на бременоста, правела редовни контроли, пациентката била во добра здравствена состојба при втора уредно контролирана бременост и немало отстапувања. Инспекторите извршиле и вонреден надзор и во болницата.
„Ден по приемот, на 27 септември поставена е индикација за породување и околу 15.00 часот отпочнало аплицирањето терапија за отпочнување на породувањето. Истата терапија повторно е дадена во 19:30 часот кога дошло до нагло влошување на здравствената состојба на родилката (во 19.40) после кое била итно спроведена во операциска сала и извршен царски од страна на дежурниот тим лекари (специјалист по гинекологија и акушерство, специјализант по гинекологија и акушерство и специјалист анестезиолог). Во 20 ч 30 миннути изваден е плодот а во 20 часот и 45 минути е констатирана смрт на родилката од страна на анестезиолог“, се вели во извештајот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат.
Лекарите од Детска клиника сè уште ја следат состојбата на новороденчето.
„Состојбата на новороденото е непроменета, лекарите ја следат здравствената состојба. Новороденчето е на одделот за интензивна нега и терапија и е на механичка вентилација и ја добива потребната здравствена нега“, изјави директорот Клиниката за детски болести, Реџеп Мемеди.
Од ЈОРСМ ги чекаат анализите од надлежните институции за утврдување на фактичката состојба и евентуалната одговорност за случајот со младата кумановка.