Како што секој оној кој редовно ги следи апсурдистанските хроники досега веќе добро знае, Апсурдистанците со ништо не се гордееја повеќе отколку со своето граѓанско општество и неговата демократија. А бидејќи најголем непријател на демократијата беше длабоката држава, Апсурдистанците решија да ја искоренат, со тоа што ја воведоа плитката држава.
Така, Апсурдистанците најпрвин ја воведоа техничката влада: додека во општествата контролирани од длабоката држава, владите и нивното работење стануваа непровидни за граѓанството, техничката влада требаше да го реши тој проблем со тоа што ќе биде провидна. Дури и премногу провидна. Уште една особина карактеристична за длабоката држава беше нејзината нечовечност. Токму затоа, највидно место во техничката влада, впрочем и во секоја влада на Апсурдистан им припаѓаше на борците за човекови права, кои се бореа за човечноста со секој атом на нивните калашникови и зољи.
Колку провидна, или како што тоа стручно се вели, транспарентна беше техничката влада, се гледа по тоа со каква неверојатна брзина наименуваше нови директори, амбасадори, раководители и разно-разни други функционери и кадри. Впрочем дури и самата светлина, која ги правеше сите нешта видливи, беше засенета од брзината со која техничката влада вработуваше и отпушташе, наименуваше и разрешуваше функционери во Апсурдситан, и ние овде само со големо жалење можеме да констатираме колку овие усрдни борци за човекови права по којзнае кој пат беа обесправени со тоа што не ја добија Нобеловата награда за физика, зашто емпириски докажаа дека вработувањата и отпуштањата, именувањето и разрешувањето на функционери во апсурдистанските инсититуции ја надминува брзината на светлината. Нивната прогресивност дополнително се гледаше и во тоа што ги исплаќаа вработените уште пред било што и да сработат.
Уште една особеност што мораше да ја краси плитката држава како стожер на демократијата е видливоста на резултатите од работата на нејзините функционери. Така, тие можеби беа највидливи во здравството: ретко која друга нација ги уживаше благодетите да биде така брзо излечена од неподносливата болест на постоењето како Апсурдистанците. Не помалку впечатливи беа и достигнувањата на апсурдистанска наука – Апсурдистан прв изврши успешни телепатски експерименти: владините службеници, повторно од редовите на прогресивните борци за човекови права, остваруваа разбирање со своите надредени без каква и да е употреба на официјалниот јазик на Апсурдистан.
Неофицијално дознаваме дека Илон Маск најавил посета на Апсурдистан.
Рајко Пеколски