Во ЦУК околу 14 часот на единствениот повикувачки број за итни случаи 112, бил добиен повик дека во повисоките делови на Шар Планина кај превојот меѓу Титов Врв и Бакардан има повреден планинар.
„Планинарот се повредил кога се симнувал со својот другар по источната страна кон месноста Мал Турчин. Двајцата биле последни од групата со која што оделе. Заостанале малку и најверојатно, брзајќи за да ги стигнат колегите, едниот од нив се лизнал и опасно ја повредил ногата. Местото на настанот е високо во планината, до каде треба повеќе од три, четири или повеќе часови да се стигне, под услов веднаш да тргне специјализиран спасувачки тим, стациониран во ниските делови од пределот. Но, во конкретниот случај соработката и меѓусебната координација на институциите, службите и приватните фирми овозможи да се пронајде многу брзо решение и на помош бил употребен ратрак на приватната фирма Ескимо Фрирајд, кој во тој предел бил користен за прошетка со туристи. Тимот бил составен од пасионирани планинари, иако во моментот превезувал туристи, несебично веднаш тргнал нагоре кон повредениот кого неговиот другар веќе почнал пополека да го спушта, свесен дека како што ќе одминува денот, така ќе станува сѐ постудено и сѐ полизгаво“, наведуваат од ЦУК.
ЦУК, заедно со полицијата од Тетово, Националниот парк, Итната медицинска помош, планинари и други биле во постојана координација и комуникација за да се изнајде оптимално и брзо решение за спасување на повредениот. Така и се добила информацијата дека ратракот бил во тој предел нешто подолу во туристичка прошетка, со што планинарот бил спасен толку брзо.