Славјанка Петровска, поранешната министерка за одбрана вели дека последните инциденти ја покажува неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ да ја води една од најважните институции, а тоа е МВР.
„Се случи грабеж во центарот на Скопје среде бел ден. Се случи пукање во Скопје, имавме престрелки. И кога секој еден, вклучувајќи и јас како пратеник, прстот ќе го впериме кон претседателот на Владата, тогаш тој не може да се затскрива емотивно зад неговото семејство и да се заканува со тужби. Фокусот е кон овие 2 милиони граѓани кои бараат да им се гарантира безбедноста. Никој после овие инциденти не може да каже дека се чувствуваме безбедни, а одговорноста е кај премиерот. Се радувам на тужбата која е најавена, и едвај чекам. Апсоултно имам аргументи и за сѐ што говорам“, рече Петровска.
Претходно, таа напиша: „Утрово ново убиство, нова пресметка. Додека Мицкоски се фотографира и се смешка, пукање и мафијашки престрелки на секој чекор. Лично Мицкоски стои и ги одобрува овие мафијашки престрелки, затоа и одбра вчера на големиот христијански празник Преображение, пред Божји храм да се фотографира со Борис Мутков – Фантом, познат лик на скопското подземје. Наместо да ги апсат, тие се фотографираат и смешкаат. Вчерашната престрелка во Синѓелиќ, е всушност пресметка зад која стои Фантом и праќа порака кој е кој. Доказ дека блискоста на Фантом со Мицкоски не е монтирана е и фактот што братот на Фантом е дел од обезбедувањето на Мицкоски. Очигледно е дека ДПМНЕ продолжува таму каде што Груевски застана, и затоа многу пократко ќе траете“.