„Тешко беше да се замисли дека членките на НАТО, Соединетите Американски Држави и европските земји ќе се вклучат во овој конфликт, прво индиректно, а потоа и директно. НАТО сега е де факто учесник во овој конфликт, на страната на Украина“, рече Песков во интервју за АТВ од Бања Лука.
Тој изјави дека „специјалната воена операција“ е многу тешка операција и дека главната цел е да се осигури безбедност на луѓето што живеат во Донбас.
„Делумно успеавме да ја исполниме таа задача, а делумно сѐ уште сме далеку од нејзиното целосно извршување“, рече Песков, пренесе Политика.
Портпаролот на Кремљ посочи дека Русија бавно напредува во Украина бидејќи не води војна, туку „специјална воена операција“.
„Водењето војна е сосема друга работа. Тоа е целосно уништување на инфраструктурата, целосно уништување градови и така натаму. Ние не го правиме тоа. Прво, се трудиме да ја спасиме инфраструктурата и под два, се трудиме да спасиме човечки животи“, рече тој.
Зборувајќи за обидот за напад со два дрона врз Кремљ, Песков рече дека нападот може да се третира „како обид за терористички напад врз шефот на руската држава“.
„Тоа е многу вознемирувачко и неприфатливо. Терористичка активност на држава. Сметаме дека на овој начин Украина практично се класифицира како државен спонзор на тероризмот, дури ни легално, туку де факто, фактички“, посочи Песков и додаде дека Москва ќе одговори кога и кога ќе оцени дека е целисходно.
„Се надевам дека Србија ќе има доволно сила да не воведе санкции кон Русија“
Песков рече дека се надева оти Србија ќе има доволно сила и суверенитет да не се приклучи на редовите на „колективниот Запад“, кој воведе санкции кон Русија.
„Знаеме каква политичка мудрост и упорност мора да има претседателот Вучиќ, знаеме како тој мора да бара суптилен баланс. Се надеваме и дека Србија ќе има доволно сила, дека ќе има доволно суверенитет да не се приклучи во мејнстримот на колективниот Запад“, изјави Песков за АТВ.
Тој посочи дека на Москва ѝ се многу важни односите со Белград и дека тие односи воопшто не се засноваат на принципот на заемна корист. „Тие имаат многу дамнешни, историски корени, духовни корени. Ние сме многу блиски. Ние сме роднини“, рече Песков.
Тој додаде дека Србија е суверена држава и дека Русија нема ништо против односите со западните земји. „Сметаме дека ништо, ниедна соработка со западните или со некои други земји не треба да биде пречка за континуираниот развој на нашите односи. Тоа ни е нам најважно“, рече Песков.
Одговарајќи на прашање за забраната за руските медиуми во Европа, Песков рече дека Англосаксонците долго време имале монопол во областа на медиумите и дека рускиот обид да создаде конкуренција веднаш предизвикал хистерија.
„Веднаш паднаа сите маски и се покажа дека таму не постојат права на слобода на медиумите. Штом некои медиуми станаа неподобни, штом некои медиуми почнаа да припокажуваат гледна точка различна од нивниот мејнстрим, тие едноставно почнаа да ги забрануваат“, рече тој.