понеделник, 28 октомври 2024

Пендаровски размислува да испрати порака до Ердоган за екстрадицијата на Палевски

Претседателот на државата Стево Пендаровски размислува во следните денови да испрати порака до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за екстрадицијата на Љупчо Палевски, првоосомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, да се случи побрзо.

Објавено на

часот

Сподели

Пендаровски вечерва во гостувањето во емисијата „360 степени“, рече дека не треба да се дозволи процесот да трае предолго.

„Тоа е работа на министерот за правда кој испрати барање за екстрадиција, меѓутоа случајот е прекрупен за да оставиме туку така да се одвива по некои бирократски коридори и тоа не дај боже да трае со месеци или со години“, изјави Пендаровски.

Премногу рано, рече шефот на државата, да се даде заокружена оценка за постапувањето на сите органи во случајот со Вања Ѓорчевска, но впечатокот е дека МВР во содејство со законот и со Јавното обвинителство прилично брзо и прилично ефикасно ја заврши работата во оваа фаза.

„Информациите што ги имам до сега за овој случај во оваа фаза се идентични со они кои ги има јавноста од прес-конференциите на министерот и на јавниот обвинител. Премногу е рано да дадеме заокружена оценка за постапувањето на сите органи вклучително и на овие кои се во предистрага и истрага, бидејќи случајот е во многу почетна фаза. Од она што до сега може да се знае, впечатокот е дека надлежните органи, прилично невообичаено за наши македонски или балкански услови, брзо и прилично ефикасно ја заврши работата во оваа фаза“, рече Пендаровски.

Коментарите на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ во врска со случајот, според Пендаровски, е непотребна политичка манипулација.

Според Пендаровски, коментарите на ВМРО-ДПМНЕ со кои алудира дека истрагата доцнела, а фокусот е на потрагата по автомобилот на Панче Жежовски се всушност ширење на шпекулации на Христијан Мицкоски со кои сака да го дефокусира вниманието од неговите евентуални средби со првоосомничениот.

Претседателот посочи дека Министерството за внатрешни работи треба да даде прецизни контрааргументи на тезите на ВМРО-ДПМНЕ за движењето на автомобилот со кој беше киднапирана Вања Ѓорчевска.

„Да одите со шпекулации уште првиот, вториот ден по апсењето на групата, дека станува збор за сосема други информации, кои ќе фрлат сосема поинакво светло на овој настан, е непотребна политичка манипулација. Треба да се провери она што опозициската партија го кажува на дневна основа прилично настојчиво, прилично фрекфентно. Треба да се добијат и контра аргументи дали е тоа точно, но мојот првичен впечаток е дека се обидуваат да го пренасочат вниманието на јавноста од евентуалните средби кои нивниот прв човек ги имал со првообвинетиот“, посочи Пендаровски.

Тој додаде дека овие информации се на ниво на медиумски извештаи кои треба да се докажат.

„Не можам да сфатам во еден ваков момент на успешно решен случај во оваа фаза, која е потребата во јавност да кажувате дека имате сознанија, дека не е баш така како што кажува МВР или ОЈО а ќе ги соопштите подоцна. Мора да има политички мотиви за тоа инаку вие прикривате податоци за извршено кривично дело“, додаде Пендаровски. 

На прашање дали е можно да има одолговлекување од турска страна, поврзано со барањата на Турција за испорака на припадници на Фето од Македонија, одговори дека лично до него од Ердоган во 2019 година дошло такво барање како услов за Турција да го ратификува протоколот за пристапување на земјава во НАТО.

„Му ја објаснив ситуацијата на претседателот Ердоган од сите аспекти, вклучувајќи го и неспорниот факт дека ние сакаме да станеме членка на Алијансата во која има и други прилично моќни држави кои кон нас испорачуваат сосема спротивни барања, дека ако тоа и тоа се случи ќе имате проблеми од друг тип со други ратификации во истиот процес на пристапување. Ердоган совршено ме разбра и наредниот ден координаторот во турскиот парламент од неговата пратеничка група доби задача и за 24 часа ја ратификуваа таа спогодба, без воопшто да има барања во однос на тие 15 лица“, рече Пендаровски.

Според него, најголем дел од таканаречените „ѓуленисти“ не се повеќе во Македонија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ