среда, 6 ноември 2024
Претседателот во интервју

Пендаровски: Нереален беше оптимизмот на власта за уставните измени

Претседателот Стево Пендаровски во однос на уставните измени оценува дека нереален бил оптимизмот кај власта дека тие се можни и покрај цврстиот став на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека нема да ги гласа. Тоа прашање, како што вели во интервју за Слободен печат ќе остане на агендата за по изборите на следната влада и следниот парламент.

Објавено на

часот

Сподели

„Во однос на уставните измени, мислам дека изминатата година оптимизмот на некои министри не користеше, требаше повеќе да се држиме до реализмот. Од прифаќањето на францускиот предлог немаше ниту изјава ниту најава од ниту еден пратеник од опозицијата дека ќе гласа за да се стигне до тие две третини. Го разбирам тоа да се држи оптимизмот сето време и да се зборува за едно исто прашање, но ако има некаков реален позитивен исчекор. Но, ви тврдам дека немаше, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ се држеше цврсто во таа партиска дисциплина. Јасно е дека тоа прашање ќе остане на агендата за по изборите и дека следната влада и следниот парламент ќе треба да се занимаваат со тоа. Но, во ситуација кога шпекулираме дека сегашната опозиција би била власт по 8 мај, не знам како ќе го направат тоа бидејќи сите изјави што ги даваа се неверојатно радикални – дека овој предлог не би го гласале, па ќе пробаат да препреговараат и слично. Може да го замајувате македонскиот граѓанин кој има други грижи, но не може да ги замајувате странските претставници кои прецизно кажаа. Да кажеш ‘ние имаме план што ќе ви го кажеме по избори’ е несериозно, вели Пендаровски.

За тоа дали постои наводен нон-пејпер на албанските партии за коалиција која во рок од шест месеци ќе ги усвои уставните измени, Пендаровски вели, дека не видел нон-пејпер ниту му е кажано дека постои, а, како што вели, асоцира на една од амбасадите во Скопје. Нема никаква информација дека такво нешто постои, додава тој, и дека им е дистрибуирано на албанските партии.

Прашан дали можеше земјава да добие подобра преговарачка рамка, тој посочува дека бил реалистичен кога рекол дека тоа е компромис што подразбира отстапки од двете страни, и оти нашите не се на штета на македонските национални интереси.

„Преговарачката рамка можеше да биде подобра сигурно, ако Бугарија не одеше со радикална националистичка реторика кон нас во период од три години, од 2019 година натаму. Многумина и странци и во Бугарија беа запрепастени од пресвртот од 180 степени што го направи владата на Борисов. Кога имате од таа страна луѓе што зборуваат со јазикот на 19 век и бараат од вас нешто што е нечуено во кое било пристапување на која било држава претходно во ЕУ од 1957 до денес, јасно е дека треба да направите сѐ да го сведете тој дијалог, во тој момент само монолог од Бугарија и диктат, во разумни рамки. Ние тоа успеавме да го направиме со помош на Европа, бидејќи таму малкумина ги разбираат тие радикални националистички бугарски елементи. И на крај дојдовме само до тоа Бугарите да ги ставиме во Уставот. Можеше и тоа да не биде ако во Бугарија имаше европски политичари, кои наместо да ја заоструваат реториката со македонскиот народ и со нас како држава, требаше да пружат рака и да покажат европско однесување. За жал, дел од тогашните политичари зборуваа со санстефанскиот јазик“, појаснува Пендаровски.

Тој смета дека суштината на преговарачката рамка им била доволно објаснета на граѓаните, но оти, од некои луѓе од политички причини била извитоперена со кажување работи кои, наведува, реално не постојат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ