сабота, 19 октомври 2024

Пее, а душата ѝ плаче, црногорската естрадна ѕвезда Шќепановиќ моли да ѝ го вратат синот

За нецел месец од денеска на синот на црногорската естрадна ѕвезда, Јасна Шќепановиќ ќе му биде роденден. Ќе полни четири години. Ќе се радува на другарчињата, на подароците што ќе ги добие. Но најверојатно нема да ѝ се израдува на својата мајка Јасна затоа што, наместо во село во гостиварско, каде што живее со својот татко, таа е далеку од него, во Подгорица, Црна Гора. Ама не по своја вина, тврди во нејзиното сведочење за МКД.мк, црногорската естрадна ѕвезда, која со својот поранешен партнер, со кој била во вонбрачна врска, заеднички го имаат нивниот малолетен син.

Објавено на

часот

Сподели

„Детето е родено и живееше со мене во Црна Гора безмалку три години кога на 9 јуни минатата година дојде татко му и го грабна. Тоа беше без моја согласност, јас не потпишав никаков документ за тоа. Го донесе во Македонија и по еден месец му извади и македонско државјанство. Го пријавив во македонското Министерство за внатрешни работи и тие водат истрага за фалсификување на мојот потпис“, децидна е Шќепановиќ во своите тврдења.

Таткото поминал две граници, а никој не му побарал дозвола од мајката

Таа прашува како е можно таткото на нивниот заеднички син да премине најмалку две граници, бидејќи Македонија не граничи со Црна Гора, без при тоа да не биде откриен.

Поради ова, Шќепановиќ од Основниот суд во Подгорица, Црна Гора побарала изрекување на времена мерка, заедничкиот малолетен син Денис да ѝ биде даден на чување и воспитување затоа што таа поднела тужба против таткото за утврдување на старателство. На 28 март 2023 година судот го усвоил барањето на Шќепановиќ и ѝ го доделил детето сѐ дотогаш, додека судот не одлучи кому ќе му припадне детето. Една од причините зошто судот ѝ го доделил синот на мајката е таа што малолетникот бил запишан во градинка во Подгорица која редовно ја посетувал.

„Од мислењето на Центарот за социјални работи Подгорица произлегува дека детето треба да има воспоставена рутина и редовен контакт со двајцата родители. Со оглед на тоа што детето оди во градинка, како и во училиште за развој на конгитивните и интелектуални способност, а со оглед на неговата возраст, центарот предложи детето да остане со мајката во работните денови, а викендите да биде со таткото. Во исто време детето треба да има телефонски контакт со оној родител со кој не е во тој момент заедно. Непланираното одење во друга држава и наглото одвојување од мајката претствува ризик фактор во смисла на правилен емоционален развој на детето“, пишува меѓу другото во одлуката на црногорскиот суд.

Мислејќи дека барем привремено завршила нејзината голгота, а и онаа на син ѝ, Шќепановиќ се соочила со уште еден проблем. Таа тврди дека е жртва на насилство од нејзиниот поранешен вонбрачен партнер, татко на нејзиниот син, па затоа таа на 21 септември годинава поднела кривична пријава против него за семејно насилство.

„Го пријавив во полициска станица но таму не сакаа да ми ја земат пријавата. Ми рекоа дека мора да донесам лекарско уверение. Јас него и друг пат сум го пријавувала за насилство, но ми кажаа дека не можат ништо да сторат затоа што тој им се заканувал“, тврди Шчепановиќ.

д

Црногорскиот ЦСР најде времено решение, македонскиот веднаш одлучи во корист на таткото

Но сето ова, вели таа, не било доволно Центарот за социјални работи (ЦСР) од Гостивар на 30 мај годинава, да донесе сосема спротивна одлука од црногорскиот суд и детето, со решение, да му го додели на таткото.

 „ЈУМ ЦСР Гостивар одлуката за доверување на детето ја донесе врз основа на наод и мислење на стручен тим и извршен непосреден увид во домот на таткото, согласно законските одредби и во најдобар  интерес на малолетното дете“, одгворија кусо од ЦСР Гостивар на прашањето на МКД.мк врз основа на кои критериуми ЦСР Гостивар одлучил, детето да му биде доделено на таткото.

Во образложението на ЦСР Гостивар, меѓу другото, пишува дека по завршувањето на работните обврски на таткото на Денис, тој го зел својот син во Македонија, а по ова односите помеѓу двајцата партнери се влошиле толку, што не било можно да останат во вонбрачната заедница во која живееле дотогаш.

„Таткото се задолжува да се грижи одговорно и за секоја новонастаната ситуација да го извести центарот. Мајката имма право да контактира со синот со спогодба помеѓу неа и таткото на малолетникот. Стручен тим од ЦСР Гостивар оствари контакт со таткото и изврши увид во неговиот дом по што утврди дека има станбени и материјални услови за живот и таткото поседува родителски капацитет. Тој е подобен да ја извршува родителската функција. Малолетникот е во добра биолошка, социјална и психолошка состојба, целосно е вклопен во средината во која живе. Покажува поврзаност со таткото, исто така покажува интерес за мајката“, пишува во дел од решението на ЦСР Гостивар.

Но Шќепановиќ го тврди спротивното. Таа го обвинува нејзиниот поранешен вонбрачен партнер дека има криминално досие и дека решението на ЦСР Гостивар било донесено без таа воопшто да биде прашана и да биде присутна таму.

Во решението на гостиварскиот центар пак, пишува нешто сосема друго. Таму е заведено дека ЦСР Гостивар контактирал со црногорските колеги за да увидат дали мајката Јасна Шќепановиќ има услови за одгледување на детото. Оттаму добиле одговор дека Шќепановиќ не може да биде пронајдена на адресата на која била барана. Во решението е уште неведено дека таа имала средба со нејзиниот син во просториите на ЦСР Гостивар која, како што пишува, поминала во „пријатна атмосфера“.  

„Стручниот тим на ЦСР Гостивар има информации дека средби на мајката Јасна и синот за видување и контакти се одржале неколкупати, а со согласност на таткото. Стручниот тим ценејќи ги сите услови и околности, возраста на детето, родителските капацитети на двајцата родители, севкупноста на потребите на детето кои можат да бидат задоволени кај таткото, донесе заклучок детето да биде доверено на чување и воспитување кај таткото, а мајката да може редовно и непречно да одржува контакти со синот по претходен договор со таткото“, пишува во решението на ЦСР Гостивар.

Во решението уште пишува дека незадоволните страни имаат право на жалба во рок од 15 дена од донесувањето на решението. Но и да сакала, Шќепановиќ не можела да се жали во законскиот рок затоа што, како што тврди, таа воопшто не знаела дека било донесено вакво решение. Затоа, како што вели, спасот го гледа во македонската полиција и во вештачењето на нејзиниот потпис затоа што, цврсто останува на тврдењето дека истиот ѝ е фалсификуван.

МКД.мк остана покус за одговорот на прашањето упатено до ЦСР Гостивар, зошто центарот одлучил малолетникот да му го додели на таткото иако во Црна Гора, каде што е родено детето се води постапка за старателство и има одлука на Основниот суд во Подгорица за времена мерка сѐ додека не заврши спорот околу старателството.

И додека трае оваа семејна голгота, Јасна ја препеа и ја отпеа една од најпознатите црногорски песни „Кажи сине“ во која барем засега наоѓа утеха ама и надеж дека еден ден повотрно ќе може непречно и засекогаш да го има до себе својот син. Или како што пее таа, „кажи сине, кажи ѝ на мајка си како живееш во далечина таго моја, таго голема дали имаш сѐ што ти треба љубов, среќа, парче леб солзо моја, солзо мајкина“.

                                                                                         Искра Опетческа

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ