Проф. д-р Павловска-Данева потенцираше дека во македонската правна рамка недостасуваат процесни одредби за постапувањето на редовните судови во врска со извршувањето на одлуките донесени од страна на Уставниот суд, а во врска со поднесено барање за заштита на човекови права и слободи.
„Секој обид за толкување на одредбите од новиот акт на Уставниот суд и Законот за судовите (како и за примена на веќе непостоечката одредба од деловникот на Уставниот суд кој му претходеше на новиот акт) во правец на постоење надлежност на Уставниот суд да поништи правосилна одлука на редовното судство, се судира со неможноста за реална имплементација на ваквите одлуки на Уставниот суд заради отсуство на посебни процесни норми во македонската легислатива со која се уредува судското постапување – Законот за кривичната постапка, Законот за парничната постапка и Законот за управните спорови. Ова би значело дека останува задача на редовното судство преку својата пракса (која е исклучително скромна) да ги уреди правилата на сопственото постапување во случај на поништување на негова одлука од страна на Уставниот суд, што претставува непосакувана реалност”, потенцираше Павловска-Данева.
Како втора, но исклучително значајна тема која предизвикува дилеми генерално, не само во нашата држава, судијката проф. д-р Павловска-Данева ја посочи онаа, дали и како редовните судови може да ценат уставност на некој закон во текот на водењето на судска постапка.
Анализирајќи како е нормирано ова прашање се доаѓа до заклучок дека при своето правораздавање и одлучување во конкретни предмети, судиите во редовното судство можат да ја ценат и уставноста на законите, така што нема да применат извесен (според нив неуставен) закон, решавајќи го предметот непосредно врз основа на Уставот или поднесувајќи иницијатива пред Уставниот суд.
„Уставот предвидува дека судовите судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, што имплицира дека судијата може и непосредно да го примени Уставот кога цени дека извесен закон е неуставен, а како потврда за издржаноста на ваквата интерпретација се јавува и членот 18, став 2 од Законот за судовите каде е предвидено дека доколку судот смета дека законот што треба да се примени во конкретниот случај не е во согласност со Уставот, а уставните одредби не можат директно да се применат, ќе ја прекине постапката до донесување на одлука од страна на Уставниот суд”, вели судијката Павловска-Данева.
Како примери од судската пракса во оваа насока ги наведе постапувањето на Кривичниот суд во Скопје кој пред донесувањето на новиот Закон за кривичната постапка, директно ги применил уставните амандмани при носење на одлука за времетраење на притворот. Исто така, го спомена и примерот од минатата година кога дел од одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи од 2023 година, во поглед на новиот рок за застареност не беа применувани од страна на судиите во основните граѓански судови, оценувајќи го ова одлучување како еден вид на таканаречена пасивна оцена на уставноста на конкретниот закон преку негово игнорирање. Дел од анализата на оваа тема е Законот за управните спорови од 2019 година кога судиите одбиваа да применат одредба со која законодавецот предвиде рок за поднесување тужба за поведување на таканаречен претходен управен спор или спор на молчење на администрацијата – законска одредба која несомнено беше спротивна на уставно-загарантираното право на секој граѓанин на судска заштита против актите и дејствијата на државата.
„Во последните два случаи, судиите не се одважија да донесат одлуки засновани непосредно врз основа на одредба од Уставот, ниту пак ја искористија законската можност од член 18 од Законот за судовите да ја запрат судската постапка и да поднесат иницијатива за оцена на уставноста на законот пред Уставниот суд. Едноставно, по пат на игнорирање не ги применуваа законските одредби за кои сметаа дека се спротивни на Уставот”, заклучи судијката проф. д-р Павловска-Данева.
Нашата домашна пракса е скромна по овие прашања, но европската литература препознава бројни примери за судир на надлежностите на уставните наспроти оние на редовните судови, рече Павловска Данева.
„За изработка на трудот кој следи од одржаната конференција, земено е во анализа компаративно искуство на кохабитирањето помеѓу уставните судови и редовното судство во Полска, Италија, Германија и Португалија. Особено е ценето мислењето и на Венецијанската комисија која го истакнува ова прашање како слабост на централизираниот модел на уставна контрола“, напоменува судијката проф. д-р Павловска-Данева во своето излагање на Правниот факултет.