Патријархот Кирил е близок соработник на претседателот Владимир Путин и силно ја поддржува војната во Украина, во која загинаа десетици илјади луѓе, а милиони беа принудени да ги напуштат своите домови.
„Денес се молиме за нашата татковина, Господ да ја заштити од надворешните и внатрешните непријатели, од сите оние што својот живот не го врзуваат за Русија, кои се спремни да заработуваат пари во Русија, но никогаш не биле спремни да ѝ служат на татковината“, рече Кирил во проповедта, пренесе РИА.
„Мораме да им всадиме на луѓето, вклучително и преку црковното проповедање, љубов кон татковината, што е најголемата доблест“, рече патријархот во Архангелската црква во комплексот на Кремљ во центарот на Москва, пренесе Ројтерс.
Ројтерс оценува дека неговите коментари очигледно се насочени против Русите што избегнуваат регрутирање и во некои случаи заминуваат во странство за да избегнат да бидат повикани да служат на бојното поле во Украина.
Путин често ја користеше православната црква и нејзините богати традиции за да помогне да се поттикне чувството на национална гордост и патриотизам кај Русите, пишува Ројтерс. Тој ја претставува инвазијата на Украина како одбрана од агресивниот и декадентен Запад, кој се обидува да ја уништи Русија и нејзината култура. Украина, пак, ја гледа како неиспровоцирана агресија насочена кон освојување на нејзината територија и поништување на нејзината независност.
Војната во Украина ги продлабочи поделбите меѓу православните христијани низ светот и доведе до тоа многу Украинци да раскинат со Московската патријаршија на чело со Кирил и да се свртат кон релативно новата Киевска патријаршија.