Ерменскиот информативен сајт ЦивилНет ја цитираше изјавата на Пашинјан дека текстот на предложениот договор може да биде потпишан откако некои работи ќе бидат „преработени“, пренесува Ројтерс.
Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев постојано бараше Ерменија да го промени својот устав за да ја отстрани индиректната референца за независноста на Карабах пред потпишувањето на мировниот договор.
Официјални лица од Ерменија и Азербејџан постојано велеа дека имаат намера да потпишат мировен договор за ставање крај на еден од најдолгите конфликти во поранешниот Советски Сојуз, кој избувна меѓу двете страни околу регионот Нагорно-Карабах кон крајот на 1980-тите.
Во септември 2023 година, Азербејџан ја врати контролата врз Карабах, ставајќи крај на независноста на регионот од Баку, која ја доби на почетокот на 1990-тите, принудувајќи го практично целото етничко ерменско население да избега во Ерменија.
Оттогаш двете страни преговараат за мировен договор и за демаркација на нивната заедничка граница од 1.000 километри, која е затворена и силно милитаризирана.
По неколкумесечен застој во разговорите, Ерменија минатиот месец врати четири уништени азербејџански села што ги контролираше од раните 1990-ти, отстранувајќи ја големата пречка во тековните преговори.
Руските мировни сили кои беа распоредени во Карабах по 44-дневната војна меѓу Азербејџан и Ерменија во 2020 година, денеска целосно се повлекоа од територијата, соопшти Министерството за одбрана на Азербејџан.