среда, 30 октомври 2024

Партијата на Палевски доби в.д. претседател, никој не поднел барање за забрана на Десна

Тони Алексовски од Куманово е в.д. претседател на политичката партија Десна. Досегашниот претседател на оваа партија, Љупчо Палевски-Палчо, е во екстрадициски притвор во Турција, осомничен за двојно убиство, на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Објавено на

часот

Сподели

„Подготовка за претседателските избори и парламентарните избори, како и активно учество на седмата изборна единица, со што би се овозможило на Македонците надвор од Македонија да го искористат своето гласачко право“, изјави во видеопорака на новата фејсбук-страница на партијата Алексовски.

Од партијата ги повикуваат надлежните да ги најдат вистинските убијци на Вања и Панче.

„Десна од институциите на системот бара во најбрз можен рок да го расчисти случајот односно да ги откријат вистинските виновници за згаснувањето на животите на Панче и Вања и истите да бидат најстрого казнети за грозоморните злодела“, изјави Алексовски и го повика членството да се пререгистрираат како членови на партијата.

И покрај најавите, досега до обвинителството никој не поднел барање за дерегистрирање на партијата. Претходно министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски најави дека ако треба, МВР ќе испрати писмо до обвинителство со барање за дерегистрација на партијата.

„Тоа што министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и инсталацијата премиер Димитар Ковачевски, преку јавни настапи, ја жигосаа партијата Десна и нејзиното членство, како ‘криминална и монструозна група на малоумници, којашто мора да биде дерегистрирана’, сериозно укажува дека се работи за планирана и организирана хајка против Десна. Ние цврсто и решително продолжуваме на промакедонскиот курс, преку спроведување на редовните партиски активности, во прв ред борбата за зачувување на името и статусот на МПЦ – ОА, иницијативата за референдум за раскинување на штетниот антимакедонски Договор за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, како и подготовка за претседателските и парламентарните избори“, кажа Алексовски.

Според законот, една политичка партија може да се забрани ако таа повикува на насилно уривање на уставниот поредок, поттикнува или повикува на воена агресија или разгорува национална, расна или верска омраза, или да има кривична постапка која доколку обезбеди докази тогаш би почнала постапката за забрана и гаснење на партијата, пред граѓанскиот суд.

Сите осомничени за убиствата и помагањето во грабнувањето се членови на политичката партија. Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев се осомничени за киднапирање и убиство на двете жртви. Стефан Димковски, исто така член, беше уапсен за помагање на бегството на Палчо. Осомничен е и Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ