На промоцијата на СДСМ најавени се обраќања на носителите и коносителите од сите шест изборни единици, односно на претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски и претседателката на ЛДП Моника Зајкова, Оливер Спасовски и Фатмир Битиќи, Сања Лукаревска и Љупчо Николовски, Венко Филипче и Јована Тренчевска, Јован Митрески и Бисера Костадиновска Стојчевска, Славјанка Петровска и Агрон Демири.
И Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, денеска на прес-конференција ќе ги презентира кандидатските листи за пратеници.
Вчера ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија ги промовираа носителите на листи и кандидатите за пратеници.
Во Првата изборна единица носител на листата е лидерот на партијата Христијан Мицкоски, во втората – Владо Мисајловски, во третата – Драган Ковачки, во четвртата – Александар Николовски, во петата – Ѓоргија Сајкоски и во шестата – Дафина Стојановска.
Мицкоски рече дека настапуваат со чесни и искрени луѓе со интегритет во кои, како што посочи, силно верува. Тој упати порака и до кандидатите за пратеници дека одговорноста е огромна и дека лично него ќе го имаат за противник доколку направат чекор со кој ќе нанесат штета и болка на кого било.
Мицкоски истакна дека овие избори ќе бидат историски важни и клучни не само за да се поправат работите, туку, како што рече, и затоа што се шанса да се испрати порака на оние кои со децении ја ограбуваат земјата.
Учесниците на изборите до 2 април треба да ги достават кандидатските листи за пратеници до Државната изборна комисија.
Во пресрет на претседателските и парламентарните избори, веќе се искристализирани пет коалиции и две партии кои ќе одат самостојно. Тоа се коалицијата За европска иднина предводена од СДСМ, коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата Храбро за Македонија предводена од ГРОМ, коалицијата Европскиот фронт предводена од ДУИ и коалицијата ВРЕДИ на албанската опозиција. Самостојно на изборите, според досегашните најави, одат ЗНАМ – За наша Македонија и Левица.
Кон Коалицијата „Европски фронт“ синоќа се приклучи и крилото од Алијанса за Албанците на Зијадин Села.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети рече дека е потребна мирна кампања, а Европскиот фронт, според него, го има најголемиот човечки капитал којшто ќе ги води процесите напред заедно со Турците, Ромите, Бошњаците.