недела, 20 октомври 2024

Палестинците масовно бегаат од северот на Газа: „Ова не е војна, туку геноцид“

Илјадници Палестинци денеска избегаа од северниот дел на Газа, оттргнувајќи се од патот на предвидената израелска инвазија. Израел вети дека ќе ја уништи милитантната група Хамас по дивеењето на нејзините борци кои упаднаа во израелските градови пред една недела, убивајќи цивили и бегајќи со голем број заложници. Околу 1.300 лица загинаа во најтешкиот напад врз цивили во историјата на Израел.

Објавено на

часот

Сподели

Израелските сили го држат Појасот Газа под целосна опсада и го бомбардираа со невидени воздушни напади. Властите во Газа соопштија дека загинале повеќе од 2.200 лица, од кои една четвртина се деца, а речиси 10.000 се ранети. Израел му даде рок на целото население од северната половина на Појасот Газа, во кое се наоѓа најголемата населба во енклавата, градот Газа, да се евакуира до сабота во 15 часот.

„Војниците околу Појасот Газа се подготвуваат за следната фаза од операциите“, изјави портпаролот на израелската армија, потполковник Џонатан Конрикус на видео-брифинг денеска. Од друга страна, Хамас му порача на населението да остане. Израел вели дека Хамас ги спречува луѓето да заминат за да ги користи како жив штит, Хамас го негира ова.

До последната капка крв

Во населбата Тел Ал-Хава во Газа, воени авиони бомбардираа станбена област во текот на ноќта, погодувајќи неколку куќи, според жителите кои објавија на платформите на социјалните мрежи. Стотици жители од областа се засолниле во блиската болница Кудс и планираат да им се придружат на оние кои бегаат на југ.

„Преживеавме ноќ на ужас. Израел не казни затоа што не сакавме да го напуштиме својот дом. Дали има полоша бруталност од ова“, изјавил татко на три деца за Ројтерс по телефон, одбивајќи да го каже своето име поради страв од одмазда.

„Никогаш немав намера да заминам, повеќе би сакал да умрам, но не можам да гледам како мојата сопруга и децата умираат пред моите очи. Беспомошни сме“, вели тој.

Во Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа, израелски авиони нападнаа четирикатница, при што загинаа и беа повредени неколку лица. Соседите побрзаа да ги спасат луѓето затрупани во урнатините.

„Ова е геноцид, не е војна“

„Ова е геноцид, не е војна, тоа е геноцид. Ова е обид за раселување на луѓето од Појасот Газа, но тоа нема да се случи“, рече Мухед Садик. Појасот Газа е веќе една од најнаселените области во светот, а израелската наредба за евакуација на северот значи дека оние што бегаат на југ биле принудени да се засолнат кај роднините и пријателите, во училиштата или во набрзина изнајмени станови.

Израел тврди дека тоа е хуманитарен гест за заштита на жителите додека ги искоренува борците на Хамас во градот Газа. Обединетите нации велат дека толку многу луѓе не можат безбедно да се преселат без да се предизвика хуманитарна катастрофа и да се шират болести поради лошите хигиенски услови.

Хамас вети дека ќе се бори до последната капка крв и тврди дека наредбата да се напушти северниот дел на енклавата е трик за да се принудат жителите да ги напуштат своите домови. Минарињата на Газа одекнуваат со повици луѓето да останат.

„Дури и војните имаат правила“

Обединетите нации проценуваат дека десетици илјади Палестинци се упатиле на југ од северниот дел на Газа по израелската наредба, дополнително на 400.000 жители на Газа кои веќе се раселени оваа недела. „Потребен ни е итен хуманитарен пристап до цела Газа, за да можеме да испорачаме гориво, храна и вода до сите на кои им е потребно“, рече во петокот генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. „Дури и војните имаат правила“, нагласи тој.

Соединетите Држави силно го поддржаа својот сојузник Израел, но побараа од него да избегне цивилни жртви. Претседателот Џо Бајден изјави дека решавањето на хуманитарната криза е главен приоритет.

„Големо мнозинство Палестинци немаа никаква врска со ужасните напади на Хамас“, рече Бајден во говорот. „Тие страдаат поради тоа“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ