петок, 18 октомври 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Озборување – „збор“ за себе и за другите

Што стои зад озборувањето? Кои наши потреби ги задоволуваме? Што говориме за себе кога некого озборуваме?

Озборувањето како начин на поврзување и зближување

За некои од нас озборувањето трета личност е доминантен начин на кој воспоставуваме или се обидуваме да воспоставиме блиски релации со другите луѓе. Коментирајќи ги другите во негативно светло, си преземаме улога на „праведник“, кој се доверува, но истовремено и го „зема во заштита“ соговорникот така што го „предупредува“ колку некој друг е неадекватен, „расипан“ или едноставно лош. На тој начин, свесно или несвесно, создаваме ситуација на ризик и ранливост, бидејќи правиме нешто што друштвото го осудува и истовремено го „штитиме“ соговорникот така што му „укажуваме“ доверба со тоа што го „предупредуваме каков е другиот“.

Довербата и приврзаноста се некои од основните карактеристики на меѓусебно поврзување на две личности, а се тестираат токму во критичните ситуации, кога сме ранливи. Една од невербалните пораки што ги праќаме кога озборуваме е токму таа: „Ризикувам отфрлање и осуда за да те заштитам од лошиот свет“. Ова е пораката што најчесто ја праќаат грижливи родители или старатели на децата во текот на нивното растење и мнозинството ја препознава како грижа за нашата добросостојба. Потенцијалната опасност е токму во тоа – озборувањето на другите луѓе погрешно да го протолкуваме како грижа за нас.

Поврзувањето и зближувањето врз основа на озборување е многу условно, а со тоа и исклучително кревко – трае додека постои „заеднички непријател“ и се распрснува во оној момент кога другиот ќе го смени мислењето, бидејќи на тој начин се прекинува и главната спона помеѓу двете лица. Реакциите на вака понуденото зближување и поврзување најчесто се остро поделени – зближувањето преку озборување трето лице ги привлекува луѓето што имаат ист стил на поврзување, но и исклучително ги одбива оние на кои озборувањето им е неприфатливо.

Озборувањето како израз на немоќ

Озборувањето може да биде и израз на немоќ во ситуациите кога имаме чувство дека сме принудени да трпиме нешто што најрадо би го избегнале. Вербалната агресија е еден од начините на одбрана кога имаме чувство дека не можеме да се заштитиме и да постапиме онака како што би сакале, а озборувањето е само една од нејзините форми. На тој начин го вентилираме чувството на немоќ и актуелното доживување дека сме слаби и зависни, дека не поседуваме сила и моќ нешто да промениме во правецот во кој би сакале.

Иако можеби носи олеснување, а често и поддршка, озборувањето не носи решение на ситуацијата. Токму поради поддршката што ја добиваме, постои ризик да влеземе во улога на жртва и да се навикнеме на неа. Во улога на жртва влегуваме така што во почетокот само се жалиме, озборуваме и не преземаме ништо. Со време почнуваме да се чувствуваме удобно во поддршката и сожалувањето што ги добиваме од истомислениците во нашата околина, а подоцна и не сакаме да преземеме ништо што е ефикасно. Неистомислениците и луѓето што нѐ повикуваат на акција ги доживуваме како груби и нечувствителни личности, кои не нѐ разбираат. Ефикасната акција, која би водела и довела до решавање на проблемот, истовремено би значела и губење на таа поддршка. Според таа несвесна логика, решавањето на проблемот е еднакво на губење на поддршката и на тој начин улогата на жртва за некои од нас станува улога со која се идентификуваме за да ја задржиме поддршката од околината, а животот се сведува на страдање и трпење.

Она што е важно да го знаеме, а што од улогата на жртва најчесто не го гледаме, е тоа дека сожалувањето не е ветер во грб, туку ветер во лице и лет во место. Единствен начин да излеземе од чувството на немоќ е да се заземеме за себе и да ги истражуваме начините вистински да решаваме и да го решиме тоа што нѐ мачи. Тогаш и потребата за озборување од немоќ престанува.

Озборувањето како израз на завист

Озборуваме и тогаш кога некому му завидуваме на она што е и на она што го постигнал. Зависта е свесност дека некој ги ужива предностите што ние би ги сакале за себе, свесност што е болна и проткаена со омраза, смета гешталт-терапевтката Мјуриел Шифман. Озборувањето е наједноставно за употреба за некои од нас – нуди моментално олеснување, а може да ни донесе и поддршка доколку се најдеме помеѓу истомисленици.

Озборувањето создава привид на олеснување поради емотивното празнење и моменталното чувство на поддршка и поврзување, но таа поддршка и тоа поврзување се многу условни и на исклучително климави нозе. Со озборување уште повеќе се заглавуваме токму во она од кое сме сакале да излеземе, а тоа е интензивно чувство на сопствена неадекватност, недоволност, инфериорност, немоќ и неуспех.

Еден од начините да излеземе од ова вознемирувачко и често болно чувство е наместо на другата личност – да се фокусираме на себе. Енергијата што ја фрламе и ја трошиме на озборување да ја фокусираме на себе. За почеток, да ги видиме нашите слаби страни и да почувствуваме што ни недостига. Другите луѓе се други луѓе и тие работат за себе. Ако некој е успешен, не мора да значи дека е успешен на наша сметка затоа што го постигнува или го има она што ние го сакаме за себе. И ние имаме избор да работиме на тоа да ги постигнеме своите цели и да ги оствариме своите желби.

Предностите на директното обраќање

Фриц Перлс, втемелувачот на гешталт-терапијата, не дозволувал зборување за некого друг на трет, независно дали е тој во моментот е присутен или не. Тој сметал дека на тој начин ги избегнуваме своите чувства и неконтролирано му го „лепиме“ на другиот сето она, и добро и лошо, што одбиваме да го видиме и прифатиме кај себе. Во тераписка ситуација, Перлс инсистирал на директно обраќање, јас – ти говор, лице во лице, за да бидеме свесни и во контакт со своите чувства, а со тоа и содржини.

Свесноста и контактот со себе може да бидат наш нов почеток, да почувствуваме што сакаме и да ги откриваме начините како тоа и да го постигнеме. На тој начин почнуваме да се фокусираме на себе и да се занимаваме со себе. Занимавајќи се со себе, исчезнува и бледнее потребата да озборуваме, бидејќи почнуваме да го создаваме она што ни е потребно и стигнуваме таму каде што сакаме да бидеме.

Кристина Пота Радуловиќ

психотерапевт, клинички психолог и гешталт-терапевт

КОЛУМНИ

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ