Четворицата се спроведени од Истражниот затвор во Шутка, каде тројца се во притвор како осомничени за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски, откако Судот претходно го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство Скопје и им определи мерка краткотраен притвор од 48 часа, поради опасност од бегство, влијание врз сведоци и сторување ново кривично дело, додека таткото на 14-годишното девојче е осомничен дека споделувал информации со останатите осомничени за нејзиното излегување од дома.
Осомничени за нејзиното убиство, покрај таткото, се Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои се дел од партијата Десна на првоосомничениот, Љупчо Палевски – Палчо, кој е во бегство и надвор од државата и за кого е донесена наредба за спроведување истрага и издадена меѓународна потерница.
ОЈО Скопје претходно денеска до судот поднесе и предлог за определување мерка краткотраен 48-часовен притвор и против 46-годишен скопјанец под сомнение дека извршил помагање на Љупчо Палевски – Палчо, првоосомниченниот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежов, да избега во Турција, преку Бугарија и Србија.
Малолетната Вања беше пронајдена мртва на 3 декември во близина на Скопје, по пријавата за нејзино исчезнување на 27 ноември годинава.