Тимот „The Makbot Pioneers“ беше севкупен победник во конкуренција на осум екипи ученици од Скопје и Тетово. Натпреварот се состоеше од четири категории, односно тимовите имаа задача да ги покажат своите вештини и знаења во игра со роботи, подготовка на иновативен проект, дизајн на робот и основни вредности.
Учесниците на натпреварот работеа на исполнување на целите за одржлив развој на ОН, со фокус кон обезбедување прифатлива, сигурна, одржлива и модерна енергија за сите. Главна цел на натпреварувањето, на кое учествуваат деца на возраст од 9 до 16 години, е стекнување вештини и способности неопходни за живот во 21. век, со искористување на креативноста и критичкото размислување.
Државниот натпревар по роботика годинава беше во организација на Академијата за роботика и иновации, а коорганизатор беше Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. На Светското првенство во Мароко учесниците ќе се натпреваруваат на тема Super powered.