петок, 18 октомври 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Османи се „заигрува“ сѐ повеќе

Со оглед на законската поставеност на МНР во владиниот институционален систем, не е многу јасно што конкретно би било задолжението на тој претставник? Дали ќе има право на одлучување за едно внатрешно чувствително национално прашање? Врз основа на каква правна подлога тој би имал право на глас и предлагање? И колку тој глас би бил автохтон, знаејќи дека според важечкиот Дипломатски кодекс вработените во МНР не смеат да истапуваат со свои ставови доколку немаат добиено дозвола од министерот?!

Според чл. 8 од Законот за надворешни работи, МНР меѓу другото треба да се занимава со спроведување надворешна политика, со претставување на Македонија во странство, со воспоставување дипломатски односи со други држави и меѓународни организации, треба да ги штити интересите и имотот на Македонија во странство, да се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседството (што во Бугарија и Грција ни случајно не го прави)… Голем распон на задолженија за кои заеднички именител е зборот „надворешни“.

Но, во законот никаде нема ни збор за надлежност за пишување и менување Устав, ниту тој спаѓа во споменатиот заеднички именител „надворешни“. Напротив, тоа е врвно внатрешно прашање во земјата.

Многу е интересно „а ла карт“ видувањето на г-нот Бујар Османи за опфатот на работата  на МНР. Додека од една страна одбива да ги спроведува законските обврски за грижа за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во Бугарија и Грција („соседство“), од друга страна, каде што ќе му чини, тој се шири надвор од законските овластувања, нафрлувајќи се на омилената му тема за македонското национално прашање, па уште и уфрлува претставник на МНР во оваа надреална половична Работна група, каде што воопшто нема претставници од ниту една опозициска партија. 

Точно така, Османи вчера во Работната група за промена на Уставот, покрај веќе објавените „уставни експерти“ назначил и свој, во дипломатскиот свет анонимен партиски колега од доверба, експресно унапредуван во неколку наврати од долниот дипломатски ешалон во среден ранг дипломат.

 

Второ. Господинот Османи, во својство на Претседавач со ОБСЕ во рамките на македонското претседавање во 2023 година, пред две-три недели исто така назначил и свој специјален претставник за млади во најголемата регионална безбедносно-политичка организација.

Креативноста ќе беше топло поздравена доколку за специјален претставник на младите беше избрана личност со висока стручност за релевантната тема, со општествено докажани професионални стандарди и интегритет.

Но, Османи ни овој пат не му одолеа на искушението во кое паѓаат помалите играчи и повторно си постави свој анонимен партиски колега од доверба на оваа престижна позиција од меѓународен калибар.

Какви се тие „квалификации“ освен младоста, што ги поседува овој, во дипломатскиот свет исто така анонимен партиски колега на Османи, неодамна донесен во МНР од друга институција и експресно унапредуван од долниот ешалон во среден ранг дипломат? Тоа веројатно го знае само Османи.

 

Трето, Дипломатот што минатата година ја скандализираше јавноста со вршење притисок врз членовите на историската комисија и поради кого еден член од комисијата дури и ја напушти, Османи за награда го предложил и тој е веќе упатен на висока амбасадорска позиција во центарот на Европа.

За негова жал, од Османи упатениот заменик шеф на Мисија при ОБСЕ во Виена, замислен како еден од столбовите на нашето претседавање со ОБСЕ годинава, поради несреќни активности надвор од службата поврзани со бегството на братот на претседателот на Ерменија од оваа држава, не дочека да ги собере плодовите од претседавањето.

 

Четврто. Најлошо е кога претседавате со некоја меѓународна организација, по природа на работите составена од повеќе држави или ентитети, да бидете пристрасен. Не можам да се оттргнам од впечатокот дека Османи покажал пристрасност со тоа што како претседавач со ОБСЕ не се ни обидел да ги осуди неодамнешните напади врз српски цивили на Косово, иако Мисијата на ОБСЕ на Косово ги има осудено и побарано одговорност од косовските власти за сторителите.

Неговиот „претседавачки“ диоптер тоа не го видел. Но, затоа, со нескриено воодушевување, повторно не успевајќи да му одолее на искушението на пристрасноста, јавно ја поздрави визната либерализација на Косово, веројатно сакајќи да остави добар впечаток во Приштина, како своевидна политичка инвестиција за во иднина. 

 

Петто. Каде е господинот Османи како претседавач на ОБСЕ да отвори или барем да поттикне дебата за бугарската блокада за започнување на нашите преговори во ЕУ и за непочитување на човековите права на македонското малцинство во Бугарија чие кршење е дефинирано во голем број пресуди на Судот за човекови права во Стразбур? До кога на нашиот дипломатски тим за претседавањето, вклучително и на нашиот амбасадор во Виена, ова ќе им биде табу тема? Која држава ја претставуваат? Па нели токму ОБСЕ е најреферентната организација за спроведување на почитувањето на човековите и малцински права? Зошто нашето претседавање е немо на оваа тема? За да не му наштети на имиџот на господинот Омани во неговата натамошна кариера?

Изгледа дека „заигрувањето“ на господинот Османи и покрај неговиот медицински бекграунд станува заразно. Како инаку да го разбере човек министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој предводеше државно-црковна делегација во Ерусалем за носење на благодатниот оган во Македонија ? Што има министер за внатрешни работи на една левичарска Влада со тоа? Што има премиерот на истата таа левичарска Влада да ја пречекува оваа државно-црковна делегација на аеродромот во Скопје?

Не одолеале на искушението наречено ефтини популистички поени?

Зоран Дабиќ, амбасадор

КОЛУМНИ

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ