вторник, 22 октомври 2024

Османи и Пападопуло задоволни како се развиваа односите по Преспа, веруваат дека сега проблемот со името е само „транзиција“

Министерот за надворешни работи Бујар Османи и заменик министерката за надворешни работи Aлександра Пападопуло денеска во Скопје имале средба на која, како што е официјано соопштено, изразиле задоволство од динамиката со која се развиваа односите меѓу двете соседни земји, особено изминативе седум години по потпишувањето на Преспанскиот договор, нагласувајќи ја потребата од негово почитување и целосна имплементација од двете страни. Османи на прес-конференција потоа рече дека верува оти новата влада ќе го почитува името Северна Македонија и дека во моментов се работи само за „транзиција“, нагласувајќи дека не станува збор само за почитување на Преспанскиот договор, туку и на нашиот Устав, каде е дефиниорано тоа име.

На маргините на ПСЈИ во Скопје

Објавено на

часот

Сподели

На прес-конференцијата Османи рече дека разговорот со Пападопуло бил многу конструктивен.

„Пресанскиот договор е повеќе од само договор за името, иако е тоа стожерот. Договорот ја развива соработката, тоа е договор за стратегиско партнерство, а знаете и дека Грција го чува нашето небо и е важна за натамошните интеграции на нашата држава“, рече Османи.

Тој нагласи дека со добра волја секоја од државите треба да ги спроведува своите обврски.

„Разбираме дека и грчката влада не е среќна со Преспанскиот договор, но тој е реалност. Битно е и новата влада да ги почитува обврските. Тие од новата влада не го изгласале, не го поддржувале, меѓутоа имаат обврска да го почитуваат. Тоа е државнички однос“, рече Османи.

Тој не се согласи дека Грција не исполнила ништо од договорот.

„Заборавате дека Грција според договорот ја поддржува и поттикнува нашата евроатланска интеграција и дека е тоа договор за стратешко партнерство“, рече Османи.

За патоказите на автопатиштата во Грција, Османи рече дека ист проблем се повлекува и во македонското Собрание со неносење на некои закони, меѓу другото посочувајќи го и прашањето за името на МАНУ.

„Се надевам дека во добра атмосфера ќе ги имплементираме сите обврски“, рече Османи.

Имавме поддршка за зачленување во НАТО, имаме сериозна поддршка за интеграција во ЕУ, додаде тој и нагласи дека ако на тој план заглавиме, тоа нема да биде добро за европските аспирации на нашата држава.

„Не сакам да ги минимизирам проблемите со меморандумите во грчкиот парламент, но да оставиме тоа да биде административна обврска, а процесите да ги туркаме напред. Нема да бидам министер, но сакам да ја пренесам пораката за добро на државата. Имаме добар имиџ, еве го спасивме ОБСЕ во Скопје, сега тука и Процесот за соработка со Југоисточна Европа со изборот на генерален секретар“, рече Османи.

Тој негира дека на средбата со Пападопуло станало збор за ново грчко вето за Македонија и изрази увверување дека сигналите говорат дека и новата македонска влада ќе го омекне ставот.

„Не очекувам натамошни проблеми, верувам дека неупотребата на уставното име е само извесна транзиција“, рече Османи.

Ставот на МНР е јасен дека уставното име треба да се почитува, додаде тој.

„Не станува ниту збор за почитување на Преспанскиот договор, туку на нашиот Устав каде е дефинирано тоа име“, рече Османи на прашањето дали е човеково право на Сиљановска Давкова и на Мицкоски да велат само Македонија, без Северна.

За доаѓањето на грчкиот шеф на дипломатијата на Скопје, Јоргос Герапетритис, Османи рече дека ќе допатува попладнево со извесно задоцнување поради обврски и додаде дека имале телефоннски разовор.

„Со Герапетритис разговаравме за посветеноста на двете држави не само за имплементација на договорите, туку и поддршката што официјална Атина ја дава на евроатлантската интеграција, односно европската интеграција на Северна Македонија. Имавме добар, конструктивен разговор во кој што разменивме ставови дека е многу важна регионалната соработка, добрососедските односи, продолжување на секторската соработка и ставот дека сепак Преспанскиот договор е многу повеќе од само договор за името. Тоа, се разбира е стожерот, но е договор за стратешко партнерство. Денес Грција го контролира нашето небо како дел од аранжманот преку НАТО заедно со Италија“, рече Османи.

Инаку, во официјалното соопштение на МНР за средбата се вели дека се одржала на маргините на Состанокот на министрите за надворешни работи на Процесот за соработка на Југоисточна Европа што се одржува во Скопје. Тема на разговор била европската перспектива на Македонија и потребата од натамошна поддршка од страна на Грција.

„Северна Македонија и Грција, како партнери и сојузници треба да играат клучна улога во обезбедувањето на регионалната стабилност. ПСЈИЕ како иницијатива е добра платформа за дијалог и за решавање и разрешување на отворените прашања“, истакнал Османи.

Тој додал дека Грција е ценет и силен поддржувач на европската интеграција на земјава, како и доверлив и значаен сојузник во НАТО.

„Очекуваме оваа поддршка за ЕУ и соработката во НАТО да продолжи да се развива и надградува во наредниот период. Европската интеграција на регионот е од најголемо стратешко значење и споделен интерес за регионалната и целокупната европска безбедност“, рекол Османи, се посочува во соопштението од МНР.

На средбата, соговорниците изразиле задоволство од динамиката со која се развиваа односите меѓу двете соседни земји, особено изминативе седум години по потпишувањето на Преспанскиот договор, нагласувајќи ја потребата од негово почитување и целосна имплементација од двете страни.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ