вторник, 22 октомври 2024
Министерот за надворешни работи со порака од Струга

Османи: Бугарија не може да постави нови услови, македонскиот идентитет е потврден со договорот со Фронтекс

Објавено на

часот

Сподели

Османи на прес-конференцијата на „Преспа форумот за дијалог“ во Струга, потенцира дека Германија е најконзистентниот поддржувач на земјава.

„Прво да се заблагодарам на политичките партии што ја иницираа оваа резолуција во германскиот Парламент. Се надевам ќе биде поддржана од сите политички партии во Бундестагот, што ќе даде сериозна порака за поддршка, што и онака не недостасуваше. Овие резолуции за поддршка се само симболична потврда на тоа што формално го има во преговарачката рамка. И без нив, идентитетот во ЕУ е загарантиран и како стануваме членка, тој само ќе се промовира, повеќе и повеќе“, рече Османи.

Околу дилемите кои, како што рече, ги има во јавноста, тој појасни дека некои земји иницираат такви иницијативи за да им кажат на граѓаните: „точно е, во преговарачката рамка идентитетските атрибути се загарантирани“.

„Јазикот станува службен јазик на ЕУ, а тоа е докажано со потпишувањето на Фронтекс. Во едно општество во кое се разбираме еден со друг, по потпишувањето на Фронтекс, нема поголем доказ. Но еве, опозицијата ја злоупотребува темата, ги плаши граѓаните и одбиваше да го поддржи Фронтекс“, рече министерот Османи.

Османи потенцира дека Договорот со Фронтекс, кој како што нагласи, е најважниот договор што се однесува на службената употреба на македонскиот јазик во ЕУ, опозицијата одби да го поддржи.

„Не треба убедување, тоа прашање е завршено, но опозицијата продолжува да плаши и ние ги приморуваме пријателите да носат вакви резолуции и да ни го потврдуваат идентитетот. Ова е резултат на непринципиелно плашење, кога тоа прашање е затворено еднаш засекогаш“, додаде Османи.

Бугарија не може да постави нови услови, бидејќи преговарачката рамка е затворена, рече Османи, а во врска со делот од германската резолуцијата, во кој има повик Бугарија да се воздржи од поставување нови услови за евроинтеграциите на Македонија.

„Да ја затвориме темата, дека утре може некоја бугарска Влада да каже имаме нов услов. Нема нов услов. Преговарачката рамка е затворена. Во преговарачката рамка има три патокази. Во едниот од патоказите има Акциски план за малцинствата, тоа е единствениот услов, којшто е влезен во бенчмарковите за отворање и затворање на поглавјата. Тој Акциски план не се однесува само на бугарската заедница, туку се однесува на сите заедници во државата. И се разбира тука ќе треба да се исполнат сите тие услови по однос на подеднакви права на сите граѓани независно од етничката припадност“, истакна Османи.

Тој потсети дека во Преговарачката рамка се и Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија, во генералниот дел, каде се проценуваат добрососедските односи, а не во делот на патоказите. Османи се надева на зајакнување на дијалогот со Бугарија и оти односите ќе бидат конструктивни.

„Се надеваме дека ќе изградиме односи, во кои добрата волја ќе го води процесот, во кои ќе создадеме разбирање еден за друг, почит еден за друг и дека двете страни нема да бидеме со калкулатор в рака и да проценуваме, кој што направил од договорите. Јас се надевам на таков однос со Бугарија“, рече Османи.

Во германскиот Бундестаг денеска се расправа за неколку документи во чиј фокус е евроинтеграцијата и ситуацијата на Западен Балкан, меѓу кои и резолуцијата насловена „Активно поддржете ја Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија“, предложена од пратеници на владејачката коалиција од редовите на Социјалдемократската партија на Германија (СПД), Зелените и либералната Слободна демократска партија (ФДП).

Со документите германските пратеници бараат од федералната Влада на ниво на ЕУ да биде постигната согласност дека изгледите за пристапување за Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија во Унијата се „недвосмислени, веродостојни и поткрепени со опиплив напредок“.

„Во интерес на ЕУ е шесте држави од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија – кои сè уште не се членки на ЕУ, но се директно опкружени со земји-членки на ЕУ, да постигнат долгорочна стабилност, владеење на правото, мирно решавање на споровите, цврсти демократски структури и економски просперитет.  За да се случи тоа, овие земји мора да се влачат во ЕУ“, посочуваат во германскиот Бундестаг.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ