сабота, 19 октомври 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Осаменоста и новогодишните празници – што можеме да направиме за себе?

Во секојдневието, изложени сме на аудио-визуелни пораки за тоа како треба да се чувствуваме, што треба да правиме и како треба да ги поминеме новогодишните празници. Содржината на пораките ни сугерира дека треба да бидеме насмеани, весели и во радосно исчекување. Да изгледаме убаво и да бидеме во друштво на убави луѓе што се наши пријатели со кои добро се забавуваме. Тие пораки понекогаш не кореспондираат со животната ситуација во која се наоѓаме. Ако се чувствуваме осамено, голема е веројатноста дека ќе имаме чувство дека нешто не е во ред со нас, бидејќи не се вклопуваме во пропишаниот модел на расположение и однесување.

Осаменост

Осаменоста може да биде тешко искуство. Луѓето најчесто ја опишуваат како чувство дека се потполно сами на овој свет, дека немаат свое место во него и луѓе со кои припаѓаат. Како да живеат во балон за одење по вода, изолирани во некој сопствен вакуум. Луѓето се тука, светот е околу нив, она што им е потребно постои, но тие го немаат. Како и во балонот за одење по вода, контактот со околината е исклучително ограничен и сведен на минимум дразби.

Според Гешталт терапијата, своите потреби можеме да ги задоволиме единствено во контакт со околината. Затоа осаменоста е тешко искуство. Тоа е состојба на континуирано незадоволена потреба за контакт. Контакт со себе и контакт со другите луѓе.

Осаменоста е наше чувство што на другите не им е видливо на прв поглед. Ние не мораме да бидеме сами во даден простор и време за да се чувствуваме осамено. Многу осамени луѓе често се опкружени со други луѓе. Можеме да бидеме дел од различни собирања и да имаме широки познанства. Можеме да бидеме и организатори на разновидни активности, кои за цел имаат соработка и дружење, а нашето чувство на осаменост да остане непроменето. Понекогаш, самите собирања можат да го предизвикаат или засилат чувството на осаменост, бидејќи испраќаат порака на заедништво, забава и добро чувство на оние што се собрале, а тоа е токму она што им недостига на луѓето што се чувствуваат осамено. Затоа осаменоста е честа тема за време на новогодишните празници, кога се нагласува собирање, дружење и добра забава.

Осаменост и новогодишни празници

Ако сме осамени, во време на новогодишните празници можеме да се чувствуваме уште поосамено. Бидејќи сите тие нагласени повици за собирање и радост нѐ потсеќаат токму на она што го немаме – припадност, собирање и радост поради собирањето. Немаме свои луѓе и место на кое припаѓаме, каде сме сакани, прифатени и ушушкани. Доколку студираме или работиме, ја губиме и рутината на секојдневните работни обврски која често ни е единствена можност негде да припаѓаме. За време на неработните денови остануваме ускратени и за контактите со колегите. На тој начин новогодишните празници стануваат принуден одмор, кој мораме да го трпиме, на кој никогаш не би оделе и кој најрадо би го прославувале работно.

Нова година и нов почеток

Од друга страна, ние имаме капацитет да го одредуваме и бираме сопственото однесување. На тој начин преземаме одговорност за себе, за тоа како се однесуваме и како се чувствуваме. Преземањето одговорност за сопственото чувство на осаменост или осаменост за време на новогодишните празници, може да биде наш прв чекор кон постигнување на некоја нова свесност за себе и своите потреби. Таа свесност би можела да ни го покаже патот кон некои нови одлуки и промени што ни се потребни.

За почеток, можеме да тргнеме од себе. Кои сме ние, каде се наоѓаме и што правиме. Како изгледа нашето опкружување и кои се луѓето околу нас. Како го поминуваме своето време, како ни изгледа денот, со што го исполнуваме. Како тие содржини влијаат на нас, дали нé прават среќни? Дали би промениле нешто во нашето секојдневие? Дали би пробале нешто ново? Што би можело тоа да биде? Можеме да го истражиме и нашето опкружување. Како изгледа нашето опкружување? Како се чувствуваме во него? Дали можеби би промениле нешто во нашето опкружување? Кои се луѓето околу нас? Какви релации градиме со нив? Какви релации со луѓето ни се потребни? Што можеме да направиме за да градиме релации какви што ни се потребни? Дали сакаме да го прошириме кругот на луѓе што ги познаваме? Како можеме да запознаеме нови луѓе?

Што е она што би можеле да го направиме уште денес?

Кристина Пота Радуловиќ

психотерапевт, клинички психолог и гешталт-терапевт

Илустрација: „Nighthawks“, Едвард Хопер, 1942, од колекцијата на Институтот за уметност во Чикаго

КОЛУМНИ

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ