Орбан е во официјална посета на Сараево, каде што одделно се сретна со претседавачот и членовите на Советот на министри на БиХ, лидерите на државниот парламент и членовите на Претседателството на БиХ, како и со претставници на владата на Федерацијата на БиХ. Предвидено е и негово заминување во Бања Лука, каде што вечерва треба да разговара со челниците на тој ентитет.
По средбата во седиштето на Советот на министри на БиХ, на новинарите не им беше дозволено да поставуваат прашања, а Орбан во изјавата рече дека кон БиХ се однесува со почит и дека ја смета за важен сосед во политичка и економска смисла, чие место е во ЕУ.
„Што и да велат во Брисел, ние сме за брзо членство на Балканот, односно Босна и Херцеговина, во ЕУ“, рече Орбан, додавајќи дека смета дека за тој регион веќе сега треба да се отвори пристап до сите европски фондови и дека не е задоволен што сите овие средства сега ѝ се нудат исклучиво на Украина.
Орбан: Им се восхитувам на сите во БиХ
Тој рече дека им се восхитува на сите во БиХ, кои можат да го одржат функционирањето на „најкомплицираниот политички систем во светот“, и сугерираше дека целата одговорност за тоа треба да ја преземат локалните политичари што е можно поскоро, бидејќи го смета целосниот суверенитет на државата императив, но и начин за подобро заедничко функционирање.
Тој тврди дека тоа е особено важно бидејќи сега се е во превирања со оглед на тоа што се во тек големи трансформации и во економијата и во технолошката област и во европската безбедносна политика. Според Орбан, Унијата ја губи својата конкурентност и нема да може да го надополни тој јаз со сегашните сили.
„За нас во Унгарија, Балканот е последната резерва на европски ресурси. На Европската Унија ѝ се потребни Балканот и БиХ повеќе отколку обратно“, изјави Орбан.
Војната во Украина ја гледа како заеднички предизвик, но посочи дека Унгарија цврсто се противи на политиката на санкции бидејќи смета дека тие се неефикасни.
Претседавачката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто, моменталните односи меѓу БиХ и Унгарија ги оцени како добри и пријателски, без отворени прашања, и укажа на потребата од блиска соработка, особено во делот на енергетиката.
Таа рече дека го известила Орбан за ситуацијата во Босна и Херцеговина, вклучително и за нерешените прашања и дека на прво место ја става потребата од реформирање на изборниот систем.
Регионална турнеја
Орбан пристигна во Босна и Херцеговина по посетата на Белград, а во почетокот на овој месец беше во Албанија и Црна Гора како дел од регионалната турнеја.
Неговото најавено заминување во Бања Лука е потврда за срдечните односи што Орбан долго време ги негува со лидерот на босанските Срби Милорад Додик, вели Ал џезира.
Тие двајца се сретнаа три пати од 2021 година, а Орбан отиде и во Лакташе, каде што живее Додик.
Владата на Орбан не ги крие своите симпатии кон Додик и покрај тоа што тој постојано се заканува со отцепување на РС и отворено искажува проруски ставови кога ја коментира агресијата врз Украина.
На крајот на 2022 година, унгарската влада преку својата ЕКСИМ банка им одобри кредит од 110 милиони евра на властите на РС, наменет пред сѐ за рехабилитација на буџетот на тој ентитет, кој е принуден да се задолжува под неповолни услови поради неговата зголемена изолација на меѓународните финансиски пазари.