Во интервјуто за германскиот весник Билд, на прашањето дали Путин е воен злосторник, Орбан одговори: „Според мене не е“.
„Ние сме во војна. Можеме да зборуваме за воени злосторства по војната. Ако сакате примирје и преговори, треба да ги убедите завојуваните страни да седнат на маса. Да ѝм кажеш да дојдат на маса и дека ќе ги уапсиш не е добра идеја“, го појасни Орбан својот став.
Премиерот на Унгарија се осврна и на бунтот во Русија што го започна Јевгениј Пригожин, наведувајќи дека тие настани не го ослабнале Путин бидејќи бунтот бил брзо задушен.
„Кога бунтот ќе се потисне во рок од 24 часа, тоа е знак на сила“, додаде Орбан, кој смета дека Русија не е ослабена од овие настани.
Тој додаде дека Русија функционира поинаку од европските земји.
„Путин е стабилен, тој е избран за водач на Русија, тој е популарен и структурите зад него се доста силни“, изјави Орбан, кој верува дека Путин и следната година ќе биде на власт во Русија.