Орбан, долгогодишен поддржувач на американскиот претседател Доналд Трамп, вчера изјави дека економскиот пакет ќе го продлабочи веќе постоечкиот политички сојуз меѓу Унгарија и САД.
Унгарскиот премиер истакна дека таков договор ќе ѝ помогне на Унгарија дури и ако избие трговска војна меѓу САД и Европската Унија.
Трамп минатата недела најави дека неговата администрација наскоро ќе објави воведување царини од 25 отсто за производите од Европската Унија, за кои Трамп рече дека се создадени да ги „дрпаат“ САД.
„Унгарија ќе претрпи загуби (во трговската војна), исто како и сите земји-членки на Европската Унија. Сè уште не знаеме колкави ќе бидат овие загуби, но сигурно е дека ќе ги има“, рече Орбан на годишната конференција на унгарската трговска и индустриска комора.
Тој додаде дека Унгарија има добри шанси да постигне договор со Вашингтон и дека пакетот мора да може да ги ограничи или целосно да ги неутрализира ефектите од евентуалната трговска војна.
Унгарските власти веќе преговараат за обновување на даночниот договор на двете земји, кој беше раскинат од претходната американска администрација, рече Орбан.
Другите делови од договорот ќе ѝ помогнат на Унгарија „да ги надомести загубите предизвикани од американските царини воведени кон Европа и да обезбеди компензација, и во монетарна и во реална економска смисла“.
Директната трговска изложеност на Централна и Источна Европа кон САД е ограничена.