вторник, 22 октомври 2024

Орбан: Побарав од Зеленски да размисли за итен прекин на огнот

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска по средбата во Киев изјави дека побарал од претседателот на Украина, Володимир Зеленски, да размисли за итен прекин на огнот што ќе доведе до забрзување на мировните преговори со Русија.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

Еден ден откако Унгарија го презеде ротирачкото шестмесечно претседавање со Европската Унија, Орбан дојде во ненадејна посета на Киев и покрај тензиите околу врските на Будимпешта со Москва и противењето на помошта за Украина.

„Целта на унгарското претседателство со ЕУ е да придонесе за решавање на предизвиците со кои се соочува Европската Унија. Затоа моето прво патување беше во Киев“, напиша Орбан на Фејсбук под фотографијата на која се ракува со Зеленски.

Орбан на заедничката прес-конференција рече дека побарал од Зеленски да размисли за итен прекин на огнот и додаде дека итен прекин на огнот ќе доведе до забрзување на мировните преговори со Русија.

Орбан додаде дека Будимпешта сака да ги подобри врските со Украина и да потпише билатерален договор за соработка, но и да учествува во економскиот развој на Украина, пренесува Ројтерс.

По заедничката прес-конференција со унгарскиот лидер, Зеленски на социјалната мрежа Икс напиша дека тој и Орбан разговарале за трговијата, прекуграничната соработка, инфраструктурата и енергетиката.

„Разговаравме и за сето она што влијае на животот на нашите луѓе во Украина и Унгарија. Содржината на нашиот дијалог за сите овие теми денес може да биде основа за нов билатерален документ на нашите земји, кој ќе ги регулира сите наши односи и ќе се заснова на реципрочен пристап кон билатералните односи меѓу Украина и Унгарија за да им овозможи на нашите народи да ги уживаат сите придобивки од единството во Европа“, напиша украинскиот претседател.

Ненадејната посета на Киев на унгарскиот премиер, кој важи за близок до рускиот претседател Владимир Путин, Кремљ коментираше дека нема очекувања од средбата.

Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков изјави дека Унгарија го презела претседавањето со Советот на ЕУ и оти „очигледно мора да ги извршува своите должности“, пренесе руската агенција Тасс.

„Затоа мислам дека во конкретниот случај фокусот ќе биде ставен на обврските на Орбан во однос на интересите на Брисел, а не на националните интереси на Унгарија“, рече Песков.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ