понеделник, 28 октомври 2024

Орбан го повика Ердоган да ја поддржи мировната мисија за Украина

Унгарскиот премиер Виктор Орбан во Вашингтон разговараше за мировната мисија во Украина со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кому ова му беше прва билатерална средба на маргините на самитот на НАТО во САД. Двајцата лидери ја потврдија својата посветеност да работат за мир во конфликтите Русија-Украина и Палестина-Израел.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

На средба зад затворени врати на маргините на самитот на лидерите на НАТО во САД, Ердоган му рекол на Орбан дека Турција продолжува со своите мирољубиви напори за ставање крај на руско-украинската војна и израелските напади врз Појасот Газа, соопшти турскиот Директорат за комуникации.

Ердоган, исто така, подвлекол дека меѓународната заедница треба да ги зголеми своите напори за обезбедување мир во овие региони.

Орбан побарал од Ердоган да ја поддржи мировната мисија и рекол дека Турција е единствената земја што досега успешно посредувала меѓу Киев и Москва во руско-украинската војна, изјави портпаролот на Орбан Берталан Хаваси.

Турскиот претседател му рекол на Орбан дека за време на мандатот на унгарското претседателство Анкара очекува поддршка за ревитализација на процесот на пристапување на Турција во Европската Унија и унапредување на односите со блокот.

Фото: ЕПА

На 5 јули Орбан отиде во ненајавена посета на Москва, каде што се сретна со рускиот претседател Владимир Путин и разговараше со него, меѓу другото, за ситуацијата во Украина, а пред тоа, на 2 јули, го посети Киев и разговараше со претседателот од Украина, Володимир Зеленски.

По повод посетата на Орбан во Москва, претставниците на ЕУ тогаш објавија дека тој нема мандат да ја претставува ЕУ во разговори со Русија, додека Орбан посочи дека Унгарија, како земја-претседавач со ЕУ, нема мандат да преговара од името на Унијата, но дека сака да преземе чекори кон мир во Украина.

Орбан потоа отпатува за Кина, каде што разговараше со кинескиот претседател Си Џинпинг.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ