вторник, 22 октомври 2024

Општина Маврово Ростуше ќе го продава државното земјиште околу езерото, никој не ги прашува мештаните

Објавено на

часот

Сподели

Изгласувањето на оваа одлука всушност значи дека општината ќе продава државно земјиште на неизградениот дел околу езерото, земјиште кое ќе стане градежно за изградба на „станбени објекти“.

Односно, она што досега општинарите не успеале да го исполнат за да ги задоволат желбите на поединци, на инвеститори…, тоа сега пред завршување на мандатот на актуелното раководство, ќе можат лесно да го спроведат.

А за останатото нека се грижат другите.

д

Редакцијата МКД.мк веќе подолго време пишува за проблемите во оваа општина, за самовилието на општинските урбанисти, за бетонизацијата на Маврово, за несоодветната инфраструктуа на постоечкиот број на објекти, за немањето вода, за честите прекини во снабдувањето со електрична енергија поради несоодветна инсталација за актуелниот број на објекти, за неконтролираната изградба, за тесниот пат околу езерото, за несоодветната заштита на животната средина, за ѓубрето…

И покрај сите овие слабости и покрај тоа што се работи за Национален парк, Општината Маврово Ростуше на чело со градоначалникот на СДСМ Медат Куртовски не се откажува од продажбата на што е можно повеќе градежни парцели.

А точката на дневен ред е ставена без никаква консултација со месните заедници, со мештаните. Немаме информација дали за ова е добиена согласност од Националниот парк, дали е консултирано Министерството за заштита на животната средина, Министерството за транспорт и врски…

На голем број од мештаните во тек им се постапките за денационализација на нивното земјиште, кое сега советниците на општината така лесно го ставија на продажба.   

Освен тоа, нема детален урбанистички план, па прашањето е како може да се направи парцелизација на државното земјиште на плацеви од по 300-400м2, без направен детален урбанистички план.

Од општината даваат објаснување дека мора да се донесе годишна програма за изработка на урбанистички планови на катастарските општини и дека за ова ќе мора да бидат консултирани и месните заедници. Освен тоа, вели градоначалникот Куртовски, веќе нема да може да се издаваат дозволи за градба на објекти во низа, споени.

Од месните заедници веќе најавуваат жестока реакција на оваа одлука на Советот на Општина Маврово Ростуше.

                                                                                                                                                  А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ