вторник, 22 октомври 2024

ОН: Сексистичките предрасуди се „вкоренети“, нема напредок во последните 10 години

Објавено на

часот

Сподели

И кај мажите и кај жените, „социјалните норми засновани на родови стереотипи се широко распространети низ светот: речиси 90 отсто од населението има барем една сексистичка предрасуда“ од седум кои се истражувани од Програмата за развој на ОН (УНДП).

Овие „стереотипи се широко распространети меѓу мажите и жените, што укажува на тоа дека тие се длабоко вкоренети и подеднакво ги погодуваат и мажите и жените“, се наведува во извештајот.

УНДП, користејќи податоци од „Истражувањето на светските вредности“ – меѓународен проект за промена на вредностите и верувањата во светот, со кој се опфатени 80 земји со 85 отсто од светското население – го ажурираше својот индекс на општествени норми за полот, кој вклучува политички и економски димензии, а се однесува на образованието и физичкиот интегритет.

Тој индекс покажува дека „нема никакво подобрување на предрасудите кон жените во последните десет години“, „и покрај големите глобални и национални кампањи за правата на жените“, како што е „МиТу“, посочува УНДП.

На пример, речиси половина од светската популација (49 проценти) сè уште смета дека мажите се подобри политички лидери од жените, а само 27 проценти мислат дека е важно за демократијата жените да имаат исти права како и мажите.

Речиси половина од населението (46 проценти) верува дека мажите имаат поголемо право на работа и речиси исто толку (43 проценти) веруваат дека мажите се подобри директори на компании.

Една четвртина од населението верува дека е во ред мажот да ја тепа својата сопруга, а 28 проценти дека факултетската диплома е поважна за мажите.

Ваквите стереотипи се „пречка“ за жените и водат до „кршење“ на нивните права.

„Ако не ги потиснуваме таквите општествени норми, нема да постигнеме еднаквост меѓу мажите и жените и целите за одржлив развој“, се предупредува во извештајот.

Оваа стагнација на стереотипите всушност се случува во време на назадување на човековиот развој воопшто и е поврзана со пандемијата на ковид-19.

„Општествените норми кои ги ограничуваат правата на жените се штетни за општеството како целина бидејќи го попречуваат напредокот на човековиот развој“, коментираше во изјавата Педро Консеиао, директор на Канцеларијата за следење на човечкиот развој на УНДП.

„Сите ќе имаме корист доколку се гарантираат слободата и правата на жените“, посочи тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ