„Денес на 25 милиони луѓе, повеќе од половина од населението на Судан, им е потребна хуманитарна помош и заштита. Ова е најголемиот број што сме го виделе некогаш во земјата“, рече Рамеш Рајасингам, раководител на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарните работи во Женева и директор на Одделот за координација.
„Барањата за финансирање од речиси 2,6 милијарди долари исто така се најголеми за кој и да е хуманитарен апел за Судан“, рече тој. Планот, ревидираната верзија на годишниот хуманитарен план за 2023 година, осмислен е за 18 милиони луѓе со потреба.
Судирот меѓу суданската војска и паравоените Сили за брза поддршка (РСФ) предизвика хуманитарна криза, која се заканува да го дестабилизира регионот. Повеќе од 700.000 луѓе се раселени во внатрешноста на Судан, а околу 200.000 се присилени на бегство во соседните земји.
Канцеларијата на високиот комесар на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР) во средата упати заеднички апел со хуманитарната агенција, во кој се бараат 472 милиони долари за помош на повеќе од милион лица во следните шест месеци.
„За жал, мораме уште еднаш да ги повикаме земјите и поединците што имаат средства да се заложат за невините луѓе што загубија сѐ не по своја кривица“, рече Рауф Мазу, помошник на високиот комесар за операциите при УНХЦР.