среда, 27 ноември 2024

Одбележани 30 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Македонија и Јапонија

Во Македонскиот народен театар синоќа беа одбележани 30 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Македонија и Јапонија. Министерот за култура и туризам Зоран Љутков изрази уверување дека и во иднина, низ заеднички дијалог и соработка, ќе работиме на континуитетот и желбата заеднички да ја градиме понатамошната културна соработка меѓу Македонија и Јапонија.

Објавено на

часот

Сподели

Како што соопшти Министерството за култура и туризам, на одбележувањето на значајниот јубилеј присуствувале претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, дипломатскиот кор и комесарот за културна соработка на Јапонија Шуничи Токура.

„Комесарот Токура, од земјата на изгрејсонцето, денес е драг гостин во земјата на сонцето, меѓу пријатели, меѓу свои, меѓу луѓе што исклучително високо ја ценат и ја вреднуваат јапонската култура“, потенцирал министерот Љутков. Изразил благодарност за донациите во културата од Јапонија, кои, како што се наведува, се знак на пријателство и се драгоцен придонес за развој на македонската култура и зацврстување на меѓусебните односи.

Министерот Љутков го истакнал значењето на потпишаниот Меморандум за соработка, кој ќе донесе интензивирање на соработката во културата меѓу двете држави, на соработката во рамки на проектите од УНЕСКО и во филмската дејност. Тој посочил и на учествотото на нашата држава на „Експо Осака 2025“ со изложбата на проектот на Кензо Танге за реконструкција на централното подрачје на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година.

„Искрено сметам дека токму ова се навистина гестови на меѓусебна доверба и пријателство кои и во иднина очекуваме да се надградуваат и дополнително да ги зацврствуваат културните врски што постојат меѓу нашите две пријателски земји“, нагласил Љутков на свеченоста во МНТ.

По повод 30-годишнината од дипломатските односи меѓу двете земји, гостите ги поздравиле комесарот за културна соработка на Јапонија, Шуничи Токура, јапонскиот амбасадор Оцука Казуја и заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски, кои, како што се наведува, ги подвлекле исклучително добрите билатерални односи и поддршката што Јапонија ја дава на земјава, како еден од најголемите донатори.

Министерството за култура и туризам информира дека било истакнато и македонско-јапонското пријателство кое има цврст темел и кое во иднина уште повеќе ќе се продлабочува.

Националниот џез-оркестар одржал концерт со композиции инспирирани од македонското изворно творештво, како и авторска композиција на гостинот Нобуо Ватанабе од Јапонија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ