петок, 18 октомври 2024

Од Нова година од Скопје до Софија ќе се патува 2,5 часа, најави Трајановски

Активностите за изградба на патот Ранковце-Крива паланка се отпочнати во 2018 година, а со оглед на реализацијата на градба на двата лота од патот, Страцин-Длабочица и Длабочица-Крива Паланка, од 71 и 91 отсто реализација, се очекува да бидат завршени до Нова година, изјави денеска директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Коце Трајановски.

Објавено на

часот

Сподели

„Денеска сме тука да направивме увид заедно со министерот за транспорт и врски. Овој пат е  во должина од 25 километри, поделен на два лота Страцин – Длобочица, во должина од 15 километри и Длобочица – Крива Паланка, во должина од 10 километри.  Вредноста на целата инвестиција е 93,7 милиони евра, со тоа што на првиот лот е 43 милиони евра, а на вториот е околу 50 милиони евра. На терен сме постојано и како ЈПДП и како Министерство за транспорт и врски, а голема е помошта од локалната самоуправа, од градоначалникот на Ранковце и месното население“, рече Трајановски.

Трајановски истакна дека експресниот пат Ранковце-Крива Паланка ќе овозможи многу побрза комуникација од Скопје преку Куманово со Крива Паланка и, као што рече, како дел од Коридорот 8, Скопје се поврзува со Софија, главниот град на Бугарија.

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски рече дека изминатите четири недели биле искористени за да се види што оваа власт наследила од претходниците и кажа дека ситуацијата не е добра.

„Ја разгледавме ситуацијата којашто за жал не е ни малку добра, но бевме избрани за да бараме решенија. Решенијата полека ќе доаѓаат, едно по друго и проектите ќе се завршуваат. Ова е проект на кој не било посветено внимание. Заедно со директорот Трајановски посветивме и ќе посветуваме сериозно внимание во следниот период и можам со задоволство да ви кажам дека овој експресен пат до Нова година ќе биде готов и ќе може да го користат сите жители и на Македонија, и на Бугарија, сите останати што патуваат и на овој начин ќе ја развиваме земјата“, рече Николоски.

Посочи дека затекнале проект со слаба динамика на работа што имал свои проблеми во минатото.

„Проектот е делумно финансиран со заем од Светска банка, пари што треба да ги вратиме, а делумно, се грант од околу 14 милиони евра. Во однос на изведбата на патот, има проблеми со експропријација, има проблеми со изведба, но тоа е наша работа, работите ќе ги завршуваме зошто граѓаните од нас очекуваат решенија, а не образложенија“, рече Николоски.

Изградбата на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка започна во 2018 година.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ