четврток, 7 ноември 2024

Од јануари казни од камерите на „Сејф сити“

Од почетокот на наредната година ќе има казни за прекршоците што ќе ги регистрираат видео-камерите поставени на улиците низ Скопје, очекува министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој изјави дека проектот „Сејф сити“ ќе придонесе за намалување на бројот на жртви на сообраќајни незгоди.

Објавено на

часот

Сподели

„Ќе треба да се направат одредени законски измени и да се утврдат точните чекори за на крајот на денот да имаме систем што ќе го казни секој оној што управува моторно возило спротивно на законот, исклучувајќи го човечкиот фактор во рамките на целокупната постапка од аспект на носење одлука дали треба или не треба да биде казнет. Се надевам дека во текот на 2025 година ќе имаме финална имплементација на овој проект. Јас би бил пресреќен тоа да биде во јануари, но и со декември ќе бидам задоволен“, кажа Тошковски.

Тој вели дека се загрижувачки бројките на сообраќајните незгоди во земјава и дека не може да се интервенира за укинување и кинење на казните, бидејќи се ќе биде евидентирано.

„Една од главните причини за поставување камери е безбедноста. Бројките на жртви се алармантни. Затоа инсталираме камери, за да спасиме животи, а пред се жртви се млади луѓе. И уште една причина е што повеќе не можете да повикате никого да ви ја скине казната. Нема каде да се јавите. Компјутер е, треба да се јавите на компјутерот, вели Тошковски. на прес-конференција во Владата, по повод 100 дена Влада, запрашан дали и во иднина ќе има јавувања, ургенции за укинување на прекршоци кои ќе произлезат од безбедносните камери.

За ова да профункционира потребни ќе бидат законски измени, но она што досега е познато е дека во иднина со овие камери ќе се казнува за брзо возење и поминување на црвено, а се прават напори да се казнува и за неносење појаси, лошо и опасно престројување и непрописно паркирање на коловозните ленти.

Инаку, овој проект имаше своја проба во месец јуни кога за само два часа тестирање на системот биле забележани околу 5.000 сообраќајни прекршоци.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ